Љупчо Ќурчиевски, на македонската музичка сцена познат како Бубе Тартиф, а во Европа, каде што последните 30 и повеќе години живее и гради успешна кариера е познат како Рико Санчез, на 20 април по подолго време настапи во родното Скопје.
Тој беше дел од хуманитарниот настан што се случи во Паркот на франкофонијата, насловен „За сите деца да има сонце“, чија цел беше да се соберат средства за лекување на малата Кара Селовска, ученичка од ОУ„Ј.Х Песталоци“, која во моментот е во болница во Барселона, Шпанија. На концертот настапија голем број наши познати музичари и учениците од сите основни училишта во општина Центар.
– Убаво беше чувството по толку години да се запее во родниот град, а хуманоста секогаш била дел од мојот професионален ангажман. Никогаш не пропуштам прилика да подадам рака кога е потребно, бидејќи мномупати и јас сум се нашол во слична ситуација. Пред скопјани премиерно на шпански јазик ја отпеав мојата авторска песна „Pardona me“, која наскоро ќе ја слушнеме и на македонски, со наслов „За неа сум жив“. Препевот е на Весна Малинова. Мелодијата има и трета верзија што ја снимив со познатиот полски пејач Кордиан. Тој пее на полски, јас на шпански – ни рече Љупчо Ќурчиевски.
Кога го прашавме кога ќе одржи голем концерт во Скопје, со програмата со која се претставува на големите европски и светски сцени, тој рече дека е расположен да настапи, само некој треба да застане зад организацијата на концертот.
Филмска биографија
Бубе има импресивна биографија, која наликува на филм. Пее и свири од својата трета година, кога со метла место гитара ги забавувал домашните и соседите. На 10 години ја добил првата гитара, а потоа учел да свири во тогашниот пионеркси дом „Карпош“. Подоцна со КУД „Коста Абрашевиќ“, „Мирче Ацев“ и „Кочо Рацин“, од својата 14-та година, бил на турнеи во Швајцарија, Франција, Италија, Германија. Во Ница првпат настапил пред 20.000 луѓе. Прекарот Бубе Тартиф го добил по истоимената група што ја оформил со Кекец, Зоран Дабиќ, Винко Мишковски…
– Учев во ГУЦ „Здравко Цветковски“, каде со другарите свиревме и на игранки, а подоцна ја оформивме и групата „Тартиф“. Свиревме поп со примеси на симфорок. Бев басист и придружен вокал, а првата песна што ја снимивме за МРТ беше „На платното пишува крај“, тоа беше првата балада што ја напишав. Бевме доста успешни и станавме доста брзо популарни. Сепак не ме држеше место, па по две години заминав за Стокхолм, а подоцна, уште подалеку, во Австралија. Свирев по клубови во Мелбурн и Викторија. Таму го запознав Колин Хеј од познатата група „Мен ет ворк“. Сепак, чуствував голема носталгија и се вратив во Скопје, каде запишав Природно-математички факултет, отсек географија. Го завршив само поради татко ми. Кога дипломирав му ја дадов дипломата и му реков: „Јас сега отидов да свирам“. Настапував на Јарданот, а по една година ја оформив групата „Фул мун“ и заминавме за Австрија. Во 1988 година, случајно ја слушнав музиката на „Џипси кингс“, за чии песни мојот засипнат глас најмногу одговара. На свирките токму овие песни правеа најдобар штимунг, а јас вака мал, црн со виткана коса и со обетка, што ја имам уште од средно, решив да се посветам токму на латиномузиката. Рико Санчез стана мое уметничко име, а групата што ме придружуваше ја нареков „Д џипсис“. Почнаа да нѐ бараат, постојано настапувавме, менаџерите се заинтересираа за нас, а добивавме и покани за настапи на европските летни фестивали. Никој не веруваше дека не сме Шпанци. Сепак, сите мои колеги знаат дека сум од Македонија. Никогаш не пропуштам на познатите пејачи со кои настапувам, на менаџерите, колегите да им кажувам од каде сум – вели Љупчо Ќурчиевски алијас Рико Санчез.
Тој живее во Австрија, а оттаму патува низ целиот свет. Но, ни отрки дека и во Скопје има секогаш подготвена гардероба, гитара и куфери за патувања, а така е и овојпат. Наскоро ќе настапи во Грција, а потоа во Словачка, па во Казахстан…Цела година однапред му е распродадена.
Има снимено пет студиски албуми и издадено десетина сингл-плочи. На првото цеде ја стави и шпанската верзија на македонскиот евергрин „Чија си“ на композиторот Славе Димитров, кога стана и доста популарен во Македонија, па имаше и низа концерти низ повеќе градови. Пред две години, пак, со Игор Станоески, македонски уметник и музичар, ја сними песната „Por Un Amor“ (За една љубов). Во иднина може да дојде и до некоја нова соработка, зашто Бубе сака предзвици.
Тој со својот бенд „Д Џипсис“, во кој се смениле музичари од триесетина нации досега, секако имало и Македонци, свири и пее латинохитови во ритамот на самба низ цела Европа, но и во Мексико и други држави во светот. Најпопуларен е во Полска, каде, како што ни рече, одржал над 200 концерти и е постојано во фокусот на јавноста, па во Русија, Чешка, Украина, Молдавија, Казахстан, во Австрија, Германија, Швајцарија…, низ цела Европа.
Еден од куриозитетите што ни го откри, поврзан со неговата кариера е дека во Молдавија му платиле 4.500 евра за интервју, а најголем хонорар добил кога настапил во кафе-барот „Џалсомино“ во Москва, каде со бендот свиреле пред еден од новите руски богаташи на затворена забава за 60 лица. Настапувал пред претседатели на големи држави на затворени забави, но и на стадиони пред 60.000 луѓе. Ја делел сцената со познати светски музички имиња, како Ал ди Меола, Газебо, Робин Џиб, Ханс Гинтерс, Перси Слејџ, групите „Лос реес“, „Лондон бит“, „Алфа вил“, „Отаван“, „Скорпионс“, „Бони М“, руските ѕвезди Валерија, Лолита и многу други.
Снимил скеч со Зеленски за најпопуларното шоу во Украина
– Исти агнеции за промовирање и организирање големи концерти работеа со нас, па така се запознав и настапував со навистина големи светски музички ѕвезди, но во 2012 година имав прилка сцената да ја делам со Володимир Зеленски, поранешен актер, кој во 2019 година стана претседател на Украина. Еве како се случи тоа. Јас во Украина бев популарен пејач, се до стартот на короната, гостував во телевизиски емисии, настапував често. Во 2012 година, гостував на снимање на новогодишна програма, пред 4.000 луѓе. Зеленски имаше своја група за снимање скечови, нешто слично како што беа „К-15“ кај нас и се викаше „Квартал 95“. Ние всушност бевме заедно во една агенција, откако неговата менаџерка нѐ забележала, сме ѝ се допаднале, па со бендот нѐ приклучи во шоуто. Тоа беше најгледена емисија во целиот источен блок, шоу што се емитуваше еднаш месечно. Се сеќавам, влезница за оваа вечер беше многу скапа, 300 евра, и сите олигарси беа таму. Новогдишното шоу беше распродадено однапред за три години. По овој наш настап, настана вистинска навала за нас, нѐ викаа од сите страни да свириме. Инаку, со Зеленски бевме сместени во ист хотел, контактиравме, и за време на пробите кои траеја два дена, а и потоа. Беше учтив и коректен. Јас со него зборував на руски, и тој одлично го зборува. Тогаш Зеленски не се занимаваше со политика, а бидејќи е глумец со своја група, имаше бројни естрадни настапи и добро му одеше. Одлично заработуваше и направи мному пари со естрадата, беше мега ѕвезда во Украина. Навистина не знам што му требаше да влезе во полтика – вели Љупчо на соработката со Зеленски.
Сепак дека музиката и политиката имаат допирни точки потврда се неговите настапи на приватни забави на политичари, на пример пред претседателот на Казахстан, пред некогашен претседател на Украина, Јурукович, на Економскиот форум во Санкт Петербург, каде што биле собрани највлијателните светски политичари, кои седеле на десет метри од него.
Сепак најголемо задоволство на Бубе му претставуваат настапите пред публика, понекогаш и од над 50.000 луѓе, посебно позитивната енергија што ја добива за возврат. А од репертоарот што го исполнува негова најомилена песна е авторската „Џамба, румба“ за која вели дека е негова лична карта. Ни навести дека многу скоро ќе отпее и нешто на македонски јазик.