Кучето Херц неодамна го доби највисокото признание, кое во Велика Британија им се доделува на животни, медалот „Мери Дикин“, за покажана храброст во извршувањето на задачите во Авганистан.
Овој германски птичар со кратко влакно е пензиониран по повеќегодишно учество во акциите на Кралските воздушни сили (РАФ), а наедно и 74-ти добитник на ова престижно признание. Херц со овој чин им се приклучи на голем број животни што во последните речиси осум децении биле носители на медалот. Меѓу нив има храбри кучиња, но и гулаби, коњи и една мачка.
Херц е роден во Хрватска, а станал дел од РАФ на една година, откако покажал исклучителна способност за откривање дрога. Потоа станал првиот пес што е обучен да открива електронски уреди, особено оние што претставуваат потенцијалана опасност за луѓето во близна. Кучето трагач е тренирано да пронаоѓа мобилни телефони, СИМ-картички, џипиес-уреди, како и диктафони.
По повеќенеделната успешна обука, Херц со својот чувар Џонатан Танер, полициски офицер во РАФ, е префрлен во Авганистан, во бившата британска воздушна база „Кемп Бастион“.
Уште при првата потрага, Херц пронашол скриени електронски уреди и дрога. Во текот на 13 месеци, колку што престојувал во провинцијата Хелманд, како и во Кабул, главниот град на Авганистан, Херц открил електронски апарати, од кои повеќето биле поврзани со потенцијални терористички напади.
Благодарение на овој птичар, пронајдени се повеќе од 100 уреди што претставувале потенцијална закана за војниците и за цивилите во Авганистан.
– Секогаш со насмевка ќе се сеќавам на сѐ што заедно проживеавме. Особено ми е драго што заслугите на Херц се препознаени и што доби признание како воен пес – изјави офицерот Џонатан Танер.
Признанието е востановено во 1943 г., а прв го доби гулабот Бела Визија, кој есента таа воена година, летајќи девет часа по невреме и силен ветер, ја пренел пораката, благодарение на која е спасен екипажот на авион на британското воздухопловство.