Во издание на Градскиoт музеј од Крива Паланка беше промовирана книгата „Чувари на прозорци“, чии авторки се младите уметници Кирила Цветковска од Македонија и Кавита Син Кале од Индија. Станува збор за детска книга со илустрации наменета и за возрасни, во која се испреплетуваат приказните за кривопаланечката стара чаршија и куќите од кал во хималајското село Џангал Бери (областа Хамирпур, Химачал Прадеш) во северниот дел на Индија. Иако оддалечени илјадници километри и навидум изобилувајќи со доста различни култури, овие две земји се соочуваат со слични предизвици кога станува збор за зачувување одредени елементи од едно културно наследство, било тоа да вклучува одредена уметност, архитектура или занает, што било инспирација авторките да го сублимираат во едно заедничко дело. Целта е да поттикнат одредени социјални и општествени прашања за културното наследство, кое се нарушува бидејќи традиционалните градби се претвораат во згради, а цементот и бетонот ги заменуваат каменот и глинените плочи. Општествените норми се прифатени како симбол на моќ и одреден социјален статус, а на овој начин, освен самата архитектура, исчезнува и традиционалниот занает, како и нивното социјално и културно значење.
– Проектот „Чувари на прозорци“ има цел да привлече внимание и да ја развие свеста за овие два далечни, но истовремено блиски социјални предизвици и нивните последици во денешна рамка, но и да поттикне одредена надеж и мотивација за пронаоѓање колективни решенија, споделувајќи и учејќи едни од други. Идејата е да се прикажат две паралелни приказни што се одвиваат во Старата чаршија во Крива Паланка и во хималајското село Џангал Бери, кои исто така „ќе се сретнат“ и ќе ги споделат предизвиците меѓусебно во средината на книгата. Приказните ја потенцираат одговорноста за зачувување на културното наследство, преку ликови наречени „чувари на прозорци“, кои се обични луѓе што љубопитно ѕиркаат од прозорците од куќите, набљудувајќи ги дневните случувања, но и забележувајќи ја промената во местата каде што живеат – вели Драган Величковски, директор на Градскиот музеј од Крива Паланка.
Идејата за книгата се родила откако авторките се запознавале на виртуелната резиденција за уметнички и писателски практики каде што пронаоѓаат многу сличности околу поимите за дом и припадност и нивните животи, и покрај оддалеченоста од илјадници километри. Желбата за создавање и општествено дејствување е двигателот на овој проект, стремејќи се кон споделување и учејќи едни од други преку реалноста и имагинацијата. Книгата е замислена како еден вид визуелна етнографија каде што самите луѓе се среќаваат, споделуваат и изнаоѓаат креативни решенија и е напишана на македонски, хинди и на англиски јазик.