Хумористичната серија „Слуга на народот“ се враќа во етерот
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, е во фокусот на светското внимание откако Русија ја нападна Украина пред неколку недели. Некои од луѓето низ светот го сметаат Зеленски за херој, а најмногу ги фасцинира тоа што (не толку) обичниот комичар го презеде тронот на една земја и сега храбро ја брани од војна. Ако во еден момент политичкиот подем на украинскиот претседател звучеше како заплет на телевизиска серија, тоа не е чудно, со оглед на тоа што неговиот реален живот тргна по истиот пат. Пред да ја преземе улогата на претседател на Украина, Зеленски беше прославен од хумористичната серија „Слуга на народот“, која почна да се емитува во 2015 година. Во неа е прикажан обичен човек, професор по историја во средно училиште, кој неочекувано е избран за претседател на Украина, како резултат на неговиот револт против владината корупција во земјата, откако неговиот говор тајно е снимен од еден од неговите ученици и масовно се шири на социјалните мрежи. Серијата траеше три сезони и заврши кога Зеленски одлучи да се кандидира за претседател на Украина во 2019 година под знамето на нова политичка партија, наречена исто како серијата „Слуга на народот“.
Серијата се враќа на пазарот, ќе ја гледаме и ние на Канал 5
Денес се нудат огромни суми за купување на серијата што го „направи“ претседател. Од почетокот на руската инвазија, интересот за серијата вртоглаво порасна, а првата телевизиска станица што ги купи правата за емитување, проценети на околу еден милион евра, беше британскиот Канал 4. Според нивните податоци, повеќе од 100.000 луѓе го гледале Зеленски во улогата во која навистина се наоѓа денес. По Велика Британија, тоа го сторија и Грција и Полска, а сега понудите за откупување на серијата ја преплавија агенцијата „Еко рајтс“ во Стокхолм, која ја лиценцираше серијата (како и филмот базиран на серијата) низ светот, а меѓу купувачите се и британски медиуми, „Ем-би-си“ на Блискиот Исток, грчката АНТ 1 и ПРО ТВ.
– Серијата е комедија, но и важен документ за тоа од каде доаѓа Зеленски – вели извршниот партнер на „Еко рајтс“ во изјавата со која најави дека серијата се враќа на пазарот.
Серијата во својата понуда од 2017 до 2021 година ја имаше и стриминг-сервисот „Нетфликс“, а сега таа повторно е достапна за гледање на платформата. Исто така, од следната недела, „Слуга на народот“ ќе се емитува и на македонската телевизија Канал 5.
Тука се поставува прашањето, дали повторното враќање на комичната серија на Зеленски на „Нетфликс“, како и нејзино емитување на многу од светските медиуми ќе придонесе неговите барања за Украина да се сфатат сериозно од Западот или ќе го направат кловн во преговорите со рускиот претседател Владимир Путин и несериозен во очите на Западот?
Спротивставени мислења за ефектот од прикажувањето
Според хумористот и сатиричар Војче Китаноски, Зеленски како да не живее во реалноста и продолжува да глуми претседател, војсководец, преговарач…
– Овој некогашен шоумен одеднаш се најде во една апсурдна ситуација, затоа што до неодамна живеел во еден сосема различен свет, а власта речиси секогаш е опасна работа и оние што ја имаат во раце речиси никогаш не гледаат реално на работите. „Нетфликс“, со потегот да ја прикаже повторно комичната серија со Зеленски, ќе направи уште поголема штета, во која, за жал, се вклучени милиони луѓе. Пропагандната машинерија е залауфана и на исток и на Запад, а вистината е некаде помеѓу. Но едно мора да се знае во секоја војна, било да е кратка или догогодишна, вистината прва умира. Искрено се надевам дека Зеленски, во име на својот народ, ќе ја сфати сериозноста на секоја своја постапка и изговорен збор, затоа што реалниот живот не е шоу и нема реприза – смета Китаноски.
За тоа дали оваа улога од минатото на Зеленски ќе му помогне или ќе му одмогне во градењето на авторитетот во овие кризни мигови за Украина, побаравме мислење и од социологот и професор Илија Ацески.
– Ова е дилема што и мене ме измачува, дали Зеленски, кој ја играше таа улога во серијата, сега ќе може да се претстави како човек со авторитет, дали ќе може да се извлечат некакви позитивни страни во однос на Украина и ситуацијата таму, мислам дека тоа ќе биде многу тешко. Првото прашање тука е, како еден човек од таа сфера на забавата, шоу-бизнисот дошол да управува со Украина, да биде на чело на една голема држава како Украина. Е тука се тие недоречени, необјаснети нешта, како тој успева да се постави, да се лоцира, односно да ја дофати таа своја улога на прв човек на државата. Да претпоставиме дека тој бил избран демократски, односно постоел барем еден елементарен степен на демократија, сепак народот одлучил тој да биде на чело на државата, бидејќи носи таков багаж, има такво минато, а е поставен сериозно да се занимава со политиката, во тотално различна сфера од каде што доаѓа – вели социологот Ацески.
Ацески ја гледа улогата на Зеленски како школски пример за човек што од водите на шоу-бизнисот и актерството влегол во светот на политиката.
– Таквите како него знаат да го остават тој впечаток на јавна личност во политиката и знаат да ја придобијат таа улога за себе, Зеленски е школски пример за тоа. Зеленски како поединец, како човек го немал тој капацитет да води држава, но го имал тој капацитет да ги придобие народот и тие околу себе, да ги фасцинира на некој начин. А таквите луѓе се родени за политика. Тој го гледа сето ова како сцена, глуми заштитник на својот народ и знае многу добро да се внесе во таа улога. Тој перфектно се снаоѓа во таквата улога и нема претстава за некакви геостратегиски значења – смета Ацески.