Еден од најпознатите математичари на 20 век
Во 1913 година во Будимпешта бил роден Пол Ердеш, познат „номадски“ математичар, кој за време на неговиот живот објавил околу 1.500 научни труда. Својот прв контакт со математиката им го должи на родителите, кои биле професори по математика во средно училиште. По загубата на двете ќерки, неговата мајка станала многу заштитнички настроена кон Пол и го школувала дома. Во отсуство на врсници, Пол се свртел кон учебниците и збирките математички проблеми и се забавувал решавајќи проблеми. Тој и самиот велел: „Тие (бројките) ми беа пријатели“.
На 17-годишна возраст се запишал на колеџ на Универзитетот „Пазмани Петер“ во Будимпешта, каде што ги завршил студиите за само четири години и докторирал математика. Од сите броеви, омилени му биле простите броеви (природни броеви поголеми од 1 што се делат само со 1 и со самите себе). Уште за време на студиите се истакнал со докажување на постулатот на Бертранд, кој вели дека секогаш постои прост број помеѓу кој било природен број и неговата двојна вредност.
Поради подемот на антисемитизмот во Унгарија, заминал за Англија во 1934 година, а набргу потоа се преселил во САД, каде што прифатил позиција во Институтот за напредни истражувања во Принстон. По една година работа во институтот, започнува половина век од неговиот „номадски живот“, што го направи жива легенда. Патувал по разни американски и други светски универзитети, решавајќи каква и да е математичка задача што му била претставена. Легендата вели дека тој непоканет се појавувал на вратата кај своите колеги со актовка во раката во која имало, заедно со белешки, неколку парчиња облека, свечено обраќајќи им се со зборовите: „Мојот ум е отворен“.
Тој останувал на „гости“ додека не го решел проблемот, а гостопримството на домаќинот го наградувал со коавторство на труд на еден од најголемите математички умови на 20 век. Патувал во над 20 земји, што го направило сомнителна личност за време на Студената војна, и за Американците и за Советите.
Студирал математика со таква ревносност што работел по 19 часа дневно со помош на огромни количества кафе и амфетамини. За време на својот живот објавил околу 1.500 научни труда, со 507 различни коавтори, од кои повеќето од областа на комбинаториката, теоријата на графикони и теоријата на броеви. Така, во математичката заедница е создаден Ердешовиот број – мерка за растојанието на авторството од Ердеш. На пример, на оние што објавиле труд со Ердеш им бил доделен број 1, на оние што објавиле труд со еден од неговите коавтори им бил доделен број 2, на оние што соработувале како коавтори им бил доделен број 3 и така натаму. Интересно е што самиот број на Ердеш станал предмет на истражување. Работел до својата смрт спротивставувајќи ѝ се на идејата дека математиката е резервирана само за младите умови. Починал од срцев удар на 83-годишна возраст, само неколку часа откако го поднел својот труд за една математичка конференција.