Песни што ме тераат да играм
Крајот на 1990-тите. Сѐ уште работев во книгоиздателството „Македонска книга“, одговорен за дуќаните, посебно за музиката. Ги знаев огромен дел од музичарите од народната музика. Бев пријател со доста од нив, вклучувајќи ги и Ферус Мустафов и син му Илми Мустафов. Често доаѓаа во дуќанот во чаршијата, па ќе седневме во ќебапчилниците во околината и така ќе се развлечеше таа дружба неколку часа. Ферус цело време делеше автограми. Во таа книжарница имав ставено огромен постер од Чарли Паркер со неговиот саксофон, кој изгледаше некако моќно. Ферус ми рече: „А бе, овој на сликата мој колега од Америка. Ко браќа сме“. „Да, бе, Ферус“, му велев, „на исто ниво сте“. „Па, по што е тој подобар од мене, еве види го начинот на кој го држи саксофонот, како мене. А сум ти кажувал дека и јас свирев џез кога бев во Америка, заедно со Иво Папазов и со некои познати џез-музичари по некои мали биртии. Имаше еден Орн Кулман (веројатно мислеше на Орнете Колеман). А бе, заедно свиревме и го учев да го свири оној мојот чочек ’Дадасали’. Не можеше да го отсвири, а јас ги свирев, импровизирав сите негови песни што ги свиреше“. „Бегај бе таму, пак лажеш“. „Е зошто, бе“. „А бе, знаеш ли кој е Орнете Колман, еден од најголемите живи саксофонисти“. „А бе, слушај Кралот Ферус што ти зборува. Не се тие нешто посебно, исти се како нас“. „Е, ај, докажи ми, отсвири ми нешто, ама џез да биде“. „Ќе дојдам за два-три дена“, ми рече и отиде.
Поминуваат неколку дена, се паркира црвен „мерцедес“ среде чаршија, пред дуќанот, а тоа улицата тесна, едвај остави простор пеш да се помине низ малите калдрмисани улички. Излегува Ферус, не ја отвора вратата, туку рипа одозгора, со пиштолот закачен зад кај ременот на половината, целиот насмеан, озарен. Во рацете носи саксофон и неколку касети. „Дојдов“, ми вели. Ми дава касета од Чарли Паркер. „Овој подобро го свирам“. Пази богати, подобро го свирел Чарли, кој важи за најголем џез-саксофонист на сите времиња. Ја пуштам песната „Bird“, а Ферус слуша, целосно се внел. „Ај уште еднаш пушти ја“. Ја пуштив. И почнува да свири Ферус заедно со Паркер. Јас во прашалници, неверојатно нешто, од едно-две слушања успеа да го симне. „Господе, фала ти што ми даде уши“, си велам на себе, ова не се пропушта, штета што го немав вокменот со мене, па да го снимам. Ме гледа Ферус дека сум задоволен, па свирејќи излегува од дуќанот да го слушнат луѓето. Таков беше, позер, гладен за внимание, ама тоа го правеше наивно, длабоко од себе. Се собраа луѓе отсекаде, ја запоседна чаршијата, аплаудираат, се чудат и тие. И за чудење беше. Неверојатниот Ферус го свири Чарли Паркер пред нас, во живо. „Ферус, ај некој чочек во џез-верзија“, вели некој од публиката. Нема проблеми за Ферус, тој веднаш импровизира. Неверојатни 25 минути. Неверојатна музика со неверојатниот Ферус. Тоа се минути што остануваат засекогаш во мене и не ги давам на никој друг. Е таков го памтам Ферус, насмеан, шоумен, сакан од луѓето, апсолутен слухист, тогашна жива легенда, човек што можеше да отсвири сѐ и музичар што пред сѐ беше човек. Едноставно, чест беше да се живее во времето на Ферус. Тогаш ми донесе две касети и истите касети како ДАТ-касети од неговите свирења во Америка со Иво Папазов и неговиот оркестар за женидба, кои сѐ уште ги имам.
Иво Папазов е едно од најголемите имиња што ја пропагираат ромската музика, свири кларинет и е големо име на светската сцена, одлично вклопувајќи се и во џезот. Ферус и Иво важеа за големи музички пријатели, и двајцата го имаа прекарот Кралеви. Иво е сѐ уште жив и свири со својот оркестар за свадби, а Ферус отиде на некои подобри места, со некои подобри музичари, којзнае можеби горе свири со Чарли Паркер. За мене едноставно чест беше да го знам и да живеам во времето на Ферус. Неговите „Кочово оро“, „Саксофон оро“, „Агушев чочек“, „Балкански чочек“, свирењата со Медо, Милан Завков, соработката со Бреговиќ, со син му Илми, Цеца, Лепа Брена, Сузана Спасовска, Гоце, со секој што нешто значеше на Балканот и пошироко остануваат како неверојатен спомен и наследство на генерации и генерации почитувачи на неговите дела. А дека навистина уживаше да свири џез може да се види и од неговото цеде со неговите чочеци во џез-изведба, кои може да се најдат на интернет. Како што минува времето, се чувствува дека недостига некој што го има тој жив дух како што имаше Ферус, мојот пријател, големиот човек, феноменалниот музичар. Уживај во вечниот мир, Големино.
Љупчо Давчев