Загриженост во НАСА
Првиот човек на американската вселенска агенција НАСА, Бил Нелсон, е загрижен дека Кина би можела да ја прогласи Месечината за „своја територија“. Познато е дека НАСА планира повторно да испрати астронаути на површината на Месечината, а тоа е цел и на Кина.
– Ние сме во вселенска трка. Вистина е дека треба да внимаваме да не стигнат до место на Месечината под превезот на научни истражувања. Тоа не е надвор од доменот на можностите, тие можат да ни кажат да се држиме настрана, дека тие се таму и тоа е нивна територија – рече Нелсон.
Присуството на Кина во вселената значително се зголеми во текот на изминатите неколку години, а во 2019 година стана првата земја што почна да ја истражува темната страна на Месечината со својата сонда „Чанге-4“.
Нелсон рече дека планот на Кина би можел да биде да заземе локации богати со ресурси на површината на Месечината и да се обиде да ги спречи САД и другите земји да воспостават бази на Месечината и да вршат други активности.
– Ако се сомневате во тоа, погледнете што им направија на островите Спретли – изјави Нелсон.
Островите Спретли се спорна територија во Јужно Кинеско Море. Пекинг тврди дека архипелагот ѝ припаѓа на Кина и го користи за складирање оружје. Се шпекулира дека структурите на островите се доволно големи за да бидат сместени фрлачи на балистички ракети.
Откако беше речиси недопрена 50 години, Месечината повторно стана многу атрактивна „цел“ за Кина и САД. Се верува дека основата на површината на Месечината би послужила како „отскочна штица“ за истражувачки и научни мисии понатаму во Сончевиот Систем.
Целта на програмата „Артемида“ на НАСА е да ги врати луѓето на Месечината до 2024 година и да воспостави одржливо човечко присуство на површината на Месечината што ќе им овозможи на астронаутите редовно да ја посетуваат. Мисиите од ерата на „Аполо“ траеја само неколку дена, но програмата „Артемида“ има за цел долгорочни бази на Месечината.
– Овој пат одиме на Месечината за да останеме. Тоа е она што се обидуваме да го направиме – изјави претходно поранешниот директор на НАСА, Џим Брајденстин.
НАСА неодамна потпиша договор од милион долари за изградба на живеалишта и патишта на Месечината. Целта на агенцијата е да воспостави база на површината на Месечината и да испрати астронаути на Марс кон крајот на 2030-тите или почетокот на 2040-тите години.
Инаку, Кина е сѐ поприсутна во вселената, досега лансира орбитери, лендери и ровери што стигнаа до Месечината и Марс, а работи и на независна вселенска станица, бидејќи беше исфрлена од програмата на Меѓународната вселенска станица.
– Кина забележа огромен успех и напредок во изминатите десет години. Вистината е дека нејзиниот датум на слетување на Месечината е сѐ поблиску – заклучи Нелсон.