Фото: Пиксабеј

Службите за диви животни во Кенија убиваат помеѓу 50 и 120 слона секоја година поради сѐ почестите напади врз луѓето. Во ескалирачкиот конфликт меѓу луѓето и слоновите, истражувачите открија неверојатен миротворец – пчелите. Деветгодишното истражување покажа дека слоновите во Кенија ги избегнуваат кошниците со пчели поради звукот што го испуштаат.
Студијата, предводена од експерти од Институтот за истражување и обука за дивиот свет, Кениската служба за диви животни и од Универзитетот во Оксфорд, се занимава со овој проблем што мачи многу земји низ светот каде што талкаат таканаречените нежни џинови. Од Африка до Индија и Југоисточна Азија, брзиот раст на населението се одрази на бројот на природни живеалишта на слоновите, поради што тие сѐ повеќе стапуваат во близок контакт со луѓето. Почнувајќи од 2020 година, населението на Кенија се зголеми повеќе од двојно. Се очекува тоа да се зголеми уште за дополнителни 51 отсто до 2050 година, од денешните 55,3 милиони на повеќе од 83,5 милиони, според Светската здравствена организација.
Инцидентите поврзани со слоновите стануваат сè почести, создавајќи постојан конфликт во кој губат двете страни. Фармерите ги ризикуваат своите култури и безбедноста, додека слоновите се соочуваат со повреда или смрт. Околу 200 луѓе загинале од напади на слонови меѓу 2010 и 2017 година, според Меѓународниот фонд за благосостојба на животните. Моментално кениските власти убиваат помеѓу 50 и 120 слона секоја година поради ваквите напади врз луѓето.
Во 2002 година, Иан Даглас-Хамилтон и Фриц Волрат го објавија својот прв истражувачки труд за звукот што го создаваат пчелите како нешто што ги одбива и ги оддалечува слоновите. Тие откриле дека слоновите бегаат од зуењето на пчелите. Слоновите можеби имаат дебела кожа, но вознемирените пчели можат да целат на нивните очи, уста и труп. Со текот на милениумите, слоновите развиле вроден страв од овие ситни суштества.