Египетските пирамиди во Гиза, изградени како гробници на античките фараони, се доказ за човечката генијалност и инженерство. Со текот на времето, изгледот на пирамидите се променил, главно поради грабежите и употребата на камен за градежни материјали. Кога првично биле изградени античките пирамиди, тие немале боја на песок како што изгледаат денес, туку биле покриени со мазен слој од бел варовник, кој сјаел на сонце, пишува „Лајв сајенс“.
Градителите користеле околу 5,5 милиони тони варовник само за време на изградбата на Големата (Кеопсова) пирамида во Гиза. Изградбата на оваа најголема и најстара пирамида била нарачана од фараонот Кеопс за време на неговото владеење (околу 2551-2528 година пр. н.е.). За жал, нејзиниот камен подоцна бил користен за градежни работи под други египетски владетели, како што беше случајот и со другите пирамиди. Постојат докази дека површинскиот камен почнал да се отстранува за време на владеењето на Тутанкамон (околу 1336-1327 пр. н.е.), и тоа продолжило до 12 век од нашата ера. Земјотрес во 1303 година исто така ја оштетил пирамидата, пренесува „Би-би-си“.
Денес пирамидите во Гиза сè уште имаат некои делови од својата оригинална обвивка, иако изгледаат избришано поради временските услови. Хефреновата пирамида, именувана по фараонот Хефрен, има остатоци од камен околу врвот. Оваа пирамида имала и облога од црвен гранит во долните делови.
Третата и најмала од трите главни пирамиди во Гиза, Микериновата пирамида – именувана по фараонот Микерин, исто така имала слој од црвен гранит.
Денес нема ништо на врвот на пирамидите, но првично стоеле таканаречените пирамидиони – покриени со електрум, мешавина од злато и сребро, кои изгледале како да имаат зашилен накит на своите врвови.
Повеќето пирамидиони се изгубени со текот на времето, но има неколку зачувани примери во музеите. Овие примероци откриваат дека на нив биле врежани религиозни слики. На пример, Британскиот музеј има пирамидион покриен со хиероглифи од Абидос, археолошки локалитет, кој го прикажува покојникот како му се поклонува на античкиот бог Озирис.
Со оглед на некогашниот сјај на пирамидите, деловите што недостигаат денес изгледаат како отворени рани. Најдобар пример за тоа е Микериновата пирамида. Дупката на неа можеби е визуелна дамка што не би постоела во античко време, но денес претставува еден вид прозорец низ кој можеме да ја видиме внатрешната структура на пирамидата.