Будењето во текот на ноќта е нормален дел од процесот на спиење, но на многу луѓе им предизвикува проблеми бидејќи не успеваат да заспијат долго време. Сепак, не секогаш станува збор за несоница. Понекогаш причините се едноставни и можете да ги контролирате и да го подобрите квалитетот на сонот.
По пубертетот, нашиот сон почесто се прекинува. Жените на возраст од 50 години се будат во просек 3,7 пати во текот на ноќта, покажаа податоците од страницата „Слипхаб“ посветена на спиењето.
Тие исто така наведуваат дека спиењето се состои од циклуси, од кои секој трае од 60 до 120 минути. Нормално е дека на крајот од секој циклус сме поблиску до „површината“ пред да се нурнеме во следниот. Доколку нешто ни го одвлече вниманието токму во тој момент, лесно ќе се разбудиме, но и ќе се чувствуваме мошне будни.
Будењето во исто време секоја вечер често ги фрустрира луѓето, но тоа всушност е добар знак дека нашиот внатрешен часовник и механизмите за спиење се синхронизирани, пишува „Слипхаб“.
Најчестите причини што го прекинуваат сонот се следните, но не се нерешливи.

’Рчење

Не само што веројатно ќе му го прекинете сонот на вашиот партнер туку може и самите да се разбудите. Постојат многу совети, уреди и методи за намалување на ’рчењето, но тоа може да биде и здравствен проблем, па доколку е често, посетете специјалист за проблеми со спиењето.

Анксиозност

Ако ве измачуваат голем број грижи или едноставно продолжите постојано да си ги вртите во вашата глава, тешко дека ќе се наспиете. Не постои лесно или единствено решение. Може да се обидете да водите дневник за спиење, да се смирите со медитација, со пријатно дружење или чаша топло млеко пред спиење.

Непријатен кревет

Фотелји, кревети на извлекување, детски кревети, лоши душеци – сето тоа може да го попречи сонот, но и да биде фатално за вашиот грб. Обидете се да ја смените перницата или прекривката.

Одење во тоалет

Иако сте биле пред да си легнете, морате да станете во 3 часот по полноќ, бидејќи едноставно не можете да издржите. Ако тоа ви се случува често, а потоа ви е исклучително тешко повторно да заспиете, обидете се да пиете помалку течност неколку часа пред да одите на спиење.

Температура

Просторијата во која спиете не треба да биде потопла од 15-16 степени Целзиусови за квалитетен сон, затоа проветрете ја просторијата пред да си легнете и намалете го греењето. Ако постојано ви е ладно, изберете потопли ќебиња или прекривки од специјални материјали, но не вклучувајте го греењето!

Кога станува збор за несоница?

Ако имате проблеми со спиењето почесто, тоа може да биде несоница. Тоа е најчестото нарушување на спиењето и може да биде минливо, повремено или хронично. Несоницата што трае од една ноќ до неколку недели е минлива. За хронична се смета ако се јавува повеќето ноќи и трае еден месец или повеќе. Тешко е да се дијагностицира, а честа причина е депресијата. Се карактеризира со отежнато заспивање, чести будења во текот на ноќта со тешкотии за повторно заспивање, прерано будење наутро, спиење по кое не се чувствувате одморени.