Карактеристичните особини на волнените мамути, вклучувајќи помали уши, големи масни наслаги и меко крзно, станаа поизразени во изминатите 700.000 години како што се приспособуваа на суровата клима на сибирските степи, покажува новата студија. Истражувачите ги споредиле геномите на 23 сибирски волнени мамути со 28 денешни слонови и откриле дека многу од карактеристиките на волнените мамути веќе биле генетски кодирани кај најраните животни. Меѓутоа, како што еволуирале, нивните тела се приспособувале на околината, овозможувајќи им да задржат повеќе топлина.
– Најраните волнени мамути веројатно имале поголеми уши, а нивната волна била различна, можеби помалку изолирана и помека во споредба со подоцнежните волнени мамути – вели Лав Дален, професор по еволутивна геномика во Центарот за палеогенетика во Стокхолм.
Тој рече дека користењето на геномот стар 700.000 години, кој му припаѓа на волнениот мамут по име Чукочја, и споредувајќи го со 22 релативно модерни волнени мамути, кои живееле во последните 100.000 години, им овозможи на истражувачите да идентификуваат како гените на мамутите еволуирале во текот на животниот век на видот.

– Ова ни овозможува да ја проучуваме еволуцијата во реално време и можеме да кажеме дека овие специфични мутации се единствени за волнените мамути – додаде Дален.
Истражувачите открија дека многу од гените што се приспособливи за волнените мамути се поврзани со живеење во ладни средини, а некои од нив ги споделуваат несродните модерни арктички цицачи како што се ирвасите и поларните мечки.
– Сакавме да знаеме што го прави мамутот волнен мамут. Волнените мамути имаат некои многу карактеристични морфолошки особини, како нивното густо крзно и мали уши, кои очигледно би ги очекувале врз основа на изгледот на замрзнатите примероци, но има многу други адаптации како метаболизмот на мастите и студената перцепција, кои не се толку очигледни на молекуларно ниво – вели водечкиот автор на студијата Дејвид Диез-дел-Молино.
Студијата, објавена во списанието „Карент бајолоџи“, се заснова на 16 претходно несеквенционирани геноми. Откриен е ген со неколку мутации, кој може да биде одговорен за малите уши на животното. Впрочем, 700.000-годишниот геном на Чукочја споделува приближно 91,7 отсто од мутациите што предизвикале промени кај помодерните волнени мамути. Ова сугерира дека многу дефинирачки особини, веројатно, веќе биле присутни кога волнениот мамут првпат се оддалечил од својот предок, степскиот мамут.
Истражувачите велат дека нивната работа подразбира голем број практични предизвици.
– Покрај работата на терен, каде што треба да се борите со поларните мечки и комарците, друг аспект што го отежнува ова е тоа што треба да работите во древна лабораторија за ДНК. А тоа значи дека треба да се облечете во костим што го покрива целото тело, со качулка и маска на лицето, визир и двојни ракавици, така што вршењето лабораториски работи е мошне непријатно – изјави Дален.