Порцеланска чинија од 18 век со дијаметар од околу 12 сантиметри е продадена на аукција за кинеска уметност во Хонгконг, пренесува „Си-ен-ен“.
Аукциската куќа „Сотби“ го опиша садот како исклучително важен бидејќи потекнува од империјална керамичка работилница, а се вели дека е направен во 18 век. Садот бил направен за време на владеењето на императорот Јонгженг, од 1722 до 1735 година, иако емајлот, веројатно, бил нанесен на садот по смртта на императорот.
Американската аукциска куќа вели дека садот е дел од традицијата позната како „фалангкаи“, што е назив за порцеланот што потекнува од царските печки во Џингдежен, но е емајлиран од занаетчиите во Забранетиот Град во Пекинг.
На илустрациите на чиниите се прикажани две ластовички во лет, расцутена кајсија и врба, како и пасус од песна за која се верува дека била нарачана од претходниот император од династијата Минг, императорот Ванли.
Експертката за керамика Регина Крал изјави дека мотивите на птиците биле многу популарни во ерата на Јонгженг и ја опиша чинијата како еден од предметите што го претставуваат врвот на сликањето на порцелан, уметничка форма што никогаш не била надмината.
Некогаш дел од сет од две чинии, овој сад за првпат беше спомнат во колекцијата составена кон крајот на 19 век од трговец од Шангај, капетанот Чарлс Освалд Лидел.
Двете чинии биле разделени во 1929 година, кога секоја била продадена за 150 фунти, што е нешто повеќе од 7.600 фунти или 9.400 долари во денешни пари, а „близнакот“ на оној што се продаде во Хонгконг се наоѓа во Британскиот музеј во Лондон.