Ирис Ноблох, првата жена претседател на Канскиот фестивал
Бордот на директори на Филмскиот фестивал во Кан, кој вклучува владини претставници и претставници на филмската индустрија, во 2022 година ја избра Ирис Ноблох за претседателка на еден од трите најпрестижни европски филмски фестивали, Канскиот (покрај Берлин и Венеција), чие 77. издание ќе се одржи во мај. Таа беше избрана со тајно гласање и е првата жена на чело на Канскиот фестивал. Тригодишниот мандат ѝ почна од 1 јули 2022 година и сѐ уште трае. Истакнувајќи дека е исклучително почестена, Ирис Ноблох тогаш изјави дека како искрена Европејка отсекогаш се залагала за филмот, како во Франција така и на меѓународно ниво. Таа кажа дека е одушевена што ќе има можност да даде сѐ од себе за Канскиот фестивал да го задржи своето влијание како голем настан што е клучен за одржување на културниот живот во свет во кој повеќе од кога било му е потребен.
Сака да се опишува себеси како „преведувач“
– Филмот на платното во кино останува клучен момент на уметничкото изразување и Канскиот фестивал, со својата единствена селекција, го покажува патот секоја година – изјави таа.
Ирис Ноблох, инаку, работела како адвокатка откако ги завршила студиите по право на универзитетот „Лудвиг-Максимилианс“ во Минхен и на Њујоршкиот универзитет. Сака да се опишува себеси како „преведувач“ – во светлината на фактот дека секогаш им помагала на холивудските студија да ги разберат специфичните предизвици на француската културна сцена и ја бранела идејата за меѓузависноста на креативноста и целта.
По 25-годишна кариера во различни раководни улоги во компанијата „Ворнер“, вклучувајќи го и 15-годишното искуство како директорка на „Ворнер брос“ во Франција, Ноблох во 2020 година стана директорка и за „Ворнер брос“ во земјите на Бенелукс, Германија, Австрија и Швајцарија. Брзо откако ја напушти оваа компанија, во јули 2021 година ја основаше И2ПО – првата европска компанија за специјални аквизиции во областа на филмската индустрија. Како директорка на „Ворнер“ во Франција, во Кан ги донесе некои од најзначајните автори – Клинт Иствуд, Кристофер Нолан, Стивен Содерберг, Вуди Ален, Баз Лурман…
Еден од филмовите што ја обележија нејзината кариера е црно-белиот нем филм „Артист“ на Мишел Хазанависиус, на кој му обезбеди место во натпреварувачката програма во Кан 2011 година. Овој филм подоцна освои пет „оскари“. Ноблох исто така била и еден од членовите на комитетот за „оскар“ во Франција. Ирис Кноблох во 2008 година го доби орденот на Легијата на честа во рангот на витез.
Бурната историја на Канскиот фестивал
Канскиот фестивалот за првпат е одржан во 1946 година во периодот помеѓу 20 септември и 5 октомври. Тој претставува еден од најстарите и најпрестижни филмски фестивали на светско ниво. Се одржува еднаш годишно (вообичаено во мај) во Палатата на фестивалите и конгресмените во туристичкиот град Кан, во Јужна Франција. Многу француски градови како Виши, Бријац и Алжир биле предложени како домаќини на фестивалот, но на крајот градот Кан бил избран. Во јуни 1939 година, Луи Лумие се согласил да биде претседател на првото издание. Фестивалот требало да се одржи во септември 1939 година, но на самиот ден на почетокот на фестивалот, 1 септември, Хитлер ја нападнал Полска со што започнала Втората светска војна, па поради тоа фестивалот бил откажан. Бил прикажан само филмот на отворањето „Ѕвонарот на црквата Нотр Дам“ со Чарлс Лејтон во главната улога. Така, фестивалот завршил и пред да започне. Фестивалот повторно е отворен по завршувањето на Втората светска војна во 1946 година. Учествувале 18 држави и биле прикажани вкупно 44 филма, а биле пријавени вкупно 300 гости, меѓу кои се нашле само неколку новинари и фотографи. За споредба, во 1966 година имало околу 5.000 учесници, а неколку децении подоцна повеќе од 30.000 учесници. Фестивалот бил финансиран од Министерството за надворешни работи на Франција и од градот Кан, а се одржал во старото казино на градот Кан. Меѓу гостите на првиот фестивал биле Ерих фон Штрохајм и Марија Монтез, а била испеана и „Марсељезата“.
Со првото жири претседавал французинот Џорџ Хаусмен, а во него учествувале по еден член од сите 18 земји ученички на првиот фестивал. Според многумина, како единствен победник на првиот Кански филмски фестивал се смета италијанскиот филм „Рим, отворен град“ на режисерот Роберто Роселини.