Фото: Пиксабеј

Женско здравје

Неплодноста може да биде предизвикана од машки и од женски фактори и тие се застапени речиси еднакво, 30-40 проценти. Машките фактори најчесто се поврзуваат со количеството, подвижноста и изгледот (морфологијата) на сперматозоидите, а на нив во голема мера влијаат навиките и животниот стил. Женските фактори обично се нарушувања на овулацијата, оштетување на фалопиевите туби, ендометриоза и цервикален фактор. Околу 20-30 проценти од неплодноста настанува од непознати причини.
Третманот на неплодност се прецизира и насочува кога ќе се најдат причините, односно кога ќе се утврди самиот тип неплодност. Ова може да биде со лекови за индукција на овулација, хируршки процедури што се однесуваат на некои структурни абнормалности, природни процедури или процедури за асистирана репродукција, како што е инсеминацијата. Дополнителен метод што се користи во планирањето на бременоста и потпомогнатото ин витро оплодување со одлични резултати е акупунктурата. Во зависност од видот на неплодноста, може да се третираат точките за релаксација, задебелување на ендометриумот или решавање на некои други проблеми. Сепак, и видот на исхраната може позитивно да влијае врз зголемувањето на шансите за бременост.

Риба
Рибите како лосос, сардина или скуша се богати со омега-3 масни киселини што ја намалуваат циркулацијата и влијаат на квалитетот и активноста на сперматозоидите. Погрижете се да јадете свежа риба фатена во природното живеалиште, наместо одгледувана риба. Истото важи и за сите видови месо, вклучувајќи го и пилешкото. Со оглед на тоа што научно е потврдено дека консумирањето риба ја подобрува способноста за зачнување, оваа храна (или рибино масло во вид на додаток во исхраната) мора да ја вклучите во вашата исхрана.

Школки
Покрај рибата, позитивно на плодноста можат да влијаат и други морски плодови, како што се школките. Тие содржат цинк, кој е одговорен за производство на здрави сперматозоиди и јајце-клетки. Цинкот го има во изобилство и во грашокот, јајцата, јаткастите плодови…

Спанаќ
Зелениот лиснат зеленчук, особено спанаќот, содржи фолна киселина, која е неопходна за производство на сперма и функцијата на јајниците. Експертите препорачуваат неколку месеци пред планираното зачнување да се земаат мултивитамински додатоци што содржат фолна киселина, бидејќи спречува одредени оштетувања на плодот. Оваа храна е и одличен извор на железо и витамин Ц, кои го зголемуваат квалитетот на спермата, спречувајќи оштетување на генетскиот код. Освен спанаќот, со фолна киселина се богати и производите од соја, гравот, жолчките, компирот, пченичното брашно, зелката, брокулата, цвеклото, бананите, сокот од портокал.

Жита
Сложените јаглехидрати како овес, кафеав ориз и разни видови мешункаст зеленчук ќе ви ја дадат потребната енергија за сексуална активност, а полни се со витамини Б и Е, кои се неопходни за развој на клетките, хормонална рамнотежа и здрави јајце-клетки и сперматозоиди.

Сладолед
Едно истражување докажало дека кај жените што консумирале две или повеќе порции нискокалорични млечни производи дневно ризикот од неплодност предизвикан од нарушувања на овулацијата се зголемил за дури 80 проценти. Спротивно на тоа, кај оние што јаделе барем еднаш дневно полномасни млечни производи се забележува позитивен ефект врз нивната плодност. Затоа, доколку сакате да забремените, слободно уживајте секој ден во порција од омилениот сладолед.

Мед
Медот е одлична храна за зајакнување на имунитетот, а е богат извор на минерали и аминокиселини што позитивно влијаат на репродуктивниот состав и функцијата на јајниците.

Авокадо
Авокадото, чиј облик наликува на матка, го подобрува здравјето и функцијата на овој орган и помага во балансирање на хормоните и го намалува ризикот од рак на матката и јајниците. Интересно е и тоа што се потребни точно девет месеци за авокадото од цвет да се претвори во зрело овошје. Исто така, ова овошје содржи незаситени масти што можат да ја зголемат плодноста. Имено, едно истражување покажало дека жените чија исхрана била богата со овие масти, а биле вклучени во програмата за ин витро оплодување, имале трипати поголем успех во обидот да забременат.