Според новото истражување, готвењето на гас има полошо влијание врз вашето здравје отколку да живеете во град загаден од сообраќај или индустрија

Иако професионалните и аматерските готвачи претпочитаат шпорети на гас наместо електрични алтернативи, новото истражување покажува дека шпоретите на гас произведуваат азот диоксид и ситни честички – опасни токсини што се дел од гасовите што ги испуштаат автомобилите, пренесува „Индепендент“.
Ако тоа е вистина, таквите супстанции можат да ги иритираат белите дробови и да навлезат во крвотокот, зголемувајќи го ризикот од развој на срцеви заболувања, рак, па дури и Алцхајмерова болест. Децата и постарите се најчувствителни на овој вид загадување на воздухот.
Едно истражување покажа дека шпоретите на гас предизвикуваат скокови во загадувачите на воздухот во затворените простории што можат да бидат многу повисоки од нивоата на загадувачки честички што лебдат на прометна градска улица.
За истражувачки цели, децата оделе на училиште со ранци опремени со уреди што регистрирале загадување на воздухот, пишува списанието „Њу сајентист“.
– Многу деца всушност беа изложени на поголемо загадување дома навечер, додека еден од родителите приготвуваше оброк на шпорет на гас, отколку на загаден воздух на пат кон училиште – вели професорот Френк Кели од лондонскиот колеџ „Империјал“.

Шпоретот на гас и астмата

Резултати од друга студија покажуваат дека еден од осум случаи на астма што се развива во детството во САД е всушност резултат на изложеност на шпорети на гас во затворени простори.
И професорот Кели, кој не учествувал во таа студија, се согласува дека печките на гас се главниот извор на загадување на воздухот во затворените простории. И тој верува дека престојот во просторија со шпорет на гас може да биде причина за астма или други здравствени состојби кај чувствителните деца.
– Ако дете со астма живее во домаќинството, веројатно ќе покаже повеќе симптоми на болеста отколку ако има електрична алтернатива во куќата – вели Кели, додавајќи дека проблемот е поизразен во помалите домови без соодветна вентилација.
Проблемот со загадувањето на воздухот во затворените простории неодамна беше во фокусот на проучување, како што е загадувањето на воздухот на отворено.

Шпоретот на гас и глобалното затоплување

Професорот Стефен Лофт од Универзитетот во Копенхаген се согласува со своите британски и американски колеги и тврди дека е многу веројатно дека ризикот поврзан со изложеноста на азот диоксид од шпоретите на гас е поголем од ризикот од живеење во град со загаден воздух.
Научниците нѐ потсетуваат дека шпоретите на гас го поттикнуваат глобалното затоплување.
Истражувањето спроведено во САД покажа дека истекувањето метан од шпоретите на гас има негативно влијание врз климата и може да се спореди со емисиите на јаглерод диоксид од околу 500.000 автомобили на бензин.
Во Европската Унија, поради готвењето на гас, повеќе од 100 милиони луѓе би можеле да бидат изложени на штетно загадување на воздухот во затворени простори, што ги прекршува прописите на ЕУ за загадување што важат за воздухот надвор, соопшти невладината организација „Класп“.

Дали треба да се стави предупредувачка етикета на шпоретот?

Сѐ повеќе има барања во иднина шпоретите на гас да имаат ознаки со предупредувања за ризик по здравјето. До 2025 година, ниту еден нов дом во Велика Британија нема да се загрева со фосилни горива, што значи дека речиси сигурно сите ќе бидат опремени со електрични индукциски шпорети и печки.
Во САД, во согласност со законот за намалување на инфлацијата, на домаќинствата ќе им бидат понудени субвенции до 1.340 долари за префрлување од гас на индукциски печки во домаќинствата.
– Тоа е релативно едноставен начин да се намали изложеноста на штетни честички и азотен оксид – вели професорката Никола Карслоу од Универзитетот во Јорк.
Во меѓувреме, на квалитетот на воздухот во затворените простории може да се влијае со почесто отворање на прозорците, проветрување на просториите и користење вентилатори, што може веднаш да влијае на квалитетот на воздухот.
Истражувањата покажаа и дека ефективни кујнски аспиратори можат да го намалат нивото на загадување дури за 55 проценти.