Песни што ме тераат да играм
Чичко Тони и тетка Вера беа 40-годишници кога дојдоа кон крајот на 1970-тите години од село близу Куманово во големиот живописен град Скопје за да работат во фабриките. Демек тежок им бил селскиот живот, а изградбата на земјата бара жртви, а тие ќе се жртвуваат. Се вработија во тогашниот гигант МЗТ – Скопје. Чичко Тони работеше на дребунг во делот за доработка на запченици, а тетка Вера во кујната. Мирен живот, плата на први, летување и толку, не можеше повеќе, а сакаа. За да напредуваат, да не бидат малтретирани требаше да земат книшка од Сојузот на комунистите, но не земаа, не сакаа да бидат полтрони, лажговци. Нивните херои беа ѕвездите на народната музика од тоа време: Тозовац, Лепа Брена, Кемал Маловчиќ, Халид Бешлиќ, Јашар Ахмедовски, Зорица Брунцлик, Хасан Дудиќ, како и Алија Сиротановиќ (кој во 1949 г. го урна рекордот во дневно копање јаглен ископувајќи 152 тона). Човекот што стана идол на цели генерации. Дури и книжна пара имаше со неговиот лик. Почина сам во сиромаштија. За него песна напиша групата „Забрањено пушење“.
Некаде во 1983 г. (јас дете) го гледам чичко Тони пуштил коса, облекол фармерки, а од неговата куќа се слуша рок-хеви метал музика. Истото тоа се случи и со жена му, тетка Вера. Низ маалото почнаа да кружат разни приказни, демек на стари години станале хипици, се дрогирале, немиени… Во самите разговори чичко Тони не беше истиот, не зборуваше само за фудбал и за Хасан Дудиќ ниту за тоа колку пива испил, туку почна да вметнува реченици за подобар живот за сите, доста е од неправди, да се смени ова, она. Нов човек. На работа ги тргнал постерите од голи жени и од Лепа Брена и поставил постери од една рок-група од Нови Сад, која се викаше „Балкан“. А ова повлече и повеќе негови колеги да го прифатат неговото однесување и тоа се ширеше низ цела Југославија. Но не поради чичко Тони, туку поради тоа што го пееше оваа релативно анонимна група, која брзо излезе од анонимноста, но и уште побрзо пропадна. А „Балкан“ пееше за тешкиот живот на работниците, за младите што не гледаат перспектива, за другарите на кои единствен настан им е фудбалскиот натпревар во недела и потоа пијалак во локалната биртија. Многумина се најдоа во текстовите и песните на лидерот на групата „Балкан“, Александар Леки Цветковиќ, и ги цитираа, пееја неговите песни и текстови. Неговата песна за татко му „Он је тридесет пета – шеста“ стана неофицијална химна на рударите, работниците во фабриките, камионџиите, автомеханичарите, луѓето што до вчера ја пееја „Ситније Циле ситније“.
Таа 1983-та е годината кога рокенролот се симна во фабриките, рудниците. Не дека немаше и претходно други обиди да се напишат песни со таква или слична тематика, како циниците „Булдожер“, кои фураа „Френк Запа стил“, но не успеаја да дојдат до широките народни маси, беа премногу претенциозни. Или како првите панкери „Панкрти“, кои оставија длабока трага со нивните први три изданија, но не беа сериозно сфатени. Или, пак, генијалниот Штулиќ со неговиот гнев што го истура во текстовите (на пример „Курвини синови“), кој беше прифатен, но претежно од интелектуалците и студентите. Она што „Балкан“ сосема искрено го направи, без претенциозност, спонтано, но со многу гнев го прифатија широките народни маси, а времето беше послободно, го немаше најголемиот син на СФРЈ и можеше послободно да се дише. „Балкан“ објави четири албуми со слична музика и тематика, немаше не знам каков комерцијален успех, но постигна нешто што ретко кој го постигна. Сѐ уште се активни и свират. А чичко Тони сѐ уште е тука, меѓу нас, ме гледа пред некој ден и ми вели: „А, бе, за сите од маало напиша нешто, а за мене кога?“, а од прозорецот од неговата куќа се слуша: „Мој стари више не устаје у пет…“.
Автор: Љупчо Давчев