Експертите проценуваат дека до 2040 година овие ледени џинови би можеле целосно да се стопат поради глобалното затоплување. Глечерите во италијанските Доломити достигнаа точка од која нема враќање, што значи дека ќе продолжат да се топат и да се намалуваат додека не исчезнат, дури и ако глобалното затоплување престане, се вели во новото истражување.
– Овие глечери повеќе не придонесуваат за рамнотежата на глобалната клима – вели Андреа Секуро, истражувач на Универзитетот „Ка Фоскари“ во Венеција.
Според гореспоменатиот експерт, овие глечери повеќе не акумулираат маса, освен во години кога снежните врнежи се особено обилни, што станува сè поретко.
– Нема враќање назад, тие ќе исчезнат за неколку децении – предупреди Секуро.
Експертите истакнуваат дека најголемиот италијански глечер Мармолада, познат и како Кралицата на Доломитите, би можел целосно да исчезне до 2040 година, а како главна причина го наведуваат затоплувањето поради зголемената концентрација на јаглерод диоксид во атмосферата. Овој глечер изгубил повеќе од 80 отсто од својата површина од 1988 година. Во последните пет години глечерот изгуби 70 хектари, што е еднакво на површината од 98 фудбалски игралишта. Експертите низ светот предупредуваат на повеќегодишен тренд на топење на глечерите во сите делови на планетата, што влијае на подемот на морињата и океаните, а со тоа создава ризик од поплави во крајбрежните области на многу земји.
Според податоците објавени во едно од неодамнешните студии, од 19-те проучувани региони на планетата, глечерите во Алјаска најбрзо губат маса, губејќи околу 67 милијарди тони мраз годишно. Во првите 24 години од векот во кој живееме, глечерите во централниот дел на Стариот Континент изгубија најголем процент на мраз од почетокот на мерењата и сега се речиси 40 отсто помали отколку во 2000 година. Глечерите на Алпите исто така се погодени од високи температури и исчезнување.