Фото: Ѓорѓи Здравев

Гласоечко се препознава како симбол на културниот идентитет на македонскиот народ од Долни Полог, кој токму во гласоечките песни ги вградил својата историја, митологија, традиција и култура. Гласоечко беше прогласено за нематеријално културно наследство на УНЕСКО

Гласоечко, машко двогласно пеење од Долни Полог, е традиционална форма на вокална музика специфична за овој македонски регион. Ова карактеристично полифоно пеење, кое со генерации се пренесува усно, се препознава како симбол на културниот идентитет на македонскиот народ од овој регион, кој токму во гласоечките песни ги вградил својата историја, митологија, традиција и култура.

Песните се пеат полифониски, додека дронскиот глас се движи спротивно во однос на водечкиот мелодиски глас, често следен со кавал и гајда. Гласоечкото се изведува неусилено од два-тројца пејачи, на свечености, свадби, вечерни забави и други дружби. Гласоечките пејачи се истакнати и талентирани поединци што се стекнале со знаење со подражавање на техниките и вештините од претходниците.

Фото: Д. Ивановски

Се верува дека името гласоечко доаѓа од тоа што овие песни се пеат гласно. Во минатото, во овие сиромашни краишта тешко се доаѓало до музички инструменти, па пејачите, машки и женски, морале да пеат гласно (речиси да викаат) за да се слушне песната. Во некои краишта се нарекува и селско пеење.

Текстот на песните ја опишува целата историја на животот на луѓето во овој регион. Станува збор за песни што зборуваат за тешкиот живот под турско ропство, за угнетувањето на селаните, за полските дела, за многубројните народни херои итн. Овие песни се пееле на свадби, церемонии, прослави, како и додека работеле на полињата. Се пее без инструментална придружба, најчесто во два гласа, но има и песни со тригласно пеење. Слични песни има низ Македонија, но и во соседните земји, но секоја земја и регион имаат свои специфични карактеристики. Во долнополошкиот крај овие песни најчесто се пеат во неколку села, но има локални разлики. Зборовите на песните се исти, но се разликуваат начинот на пеење, акцентот и некои други елементи.

Фото: А. Ристоска

Помладите генерации многу ретко имаат можност да ги слушнат изведбите на гласоечките изведувачите, а и постарите генерации сметаат дека нема доволно интерес. Има малку снимки од ова пеење и како што е денес традицијата се чини дека е на работ на изумирање. Исклучок е културно-уметничкото друштво „Кирил Пејчиновиќ“ од селото Теарце, чии млади членови ја негуваат оваа стара традиција и настапуваат на фестивали на народното творештво низ Македонија.

Фото: Рашо мк

Гласоечко е трето културно добро што Република Македонија го впиша во листата на заштитени добра на УНЕСКО. Првото културно добро беше уникатниот верски обичај „Четрсе“ од Штипско, кој се најде на репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото, а второ беше македонското оро „Копачка“. Д.Ст.