Оваа година меѓународно најуспешниот бенд од регионов, босанскохерцеговинскиот „Дубиоза колектив“, одбележува две децении постоење. Од првиот настап во 2003 г. и првиот албум објавен во 2004 г., па сѐ до актуелниот „Агрикултура“ имаат снимено 10 албуми, еден ЕП и двоен албум во живо. Со изведби на сите меридијани, тие имаат одржано над илјада концерти во 42 држави, а на уличните свирки не им се ни знае бројот.
По пандемиската пауза во која за својата публика продуцираа 17 епизоди на нивното „Карантин шоу“, постпандемиската турнејата на „Дубиоза колектив“, насловена „Бек он д роуд“, започна лани во март, а до крајот на декември веќе одржаа речиси 100 концерти во 23 земји.
– Во Европа свиревме во сите држави, освен Исланд, Молдавија, Белорусија и Летонија. Би ја искористиле оваа пригода да ги повикаме концертните промотори од овие држави да нѐ повикаат, па и таму во рамките на јубилејната дваесетгодишнина да отсвириме некој концерт, чисто за статистика. Шегата настрана, доволно е да се помисли на над илјада тонски проби и четири потрошени комбиња, да пробаме да го помножиме бројот на концертите со бројот на поминати километри, а сето тоа со бројот на денови што сме ги поминале на пат. Така станавме она што сме, работејќи го она што го сакаме и во кое веруваме. Нашиот живот е музиката и нашите семејства заедно со нас го живеат музичкиот живот – вели Ведран Мујагиќ.
Глобално, „Дубиоза колектив“ е најдобриот извозен музички производ од Босна и Херцеговина на сите времиња, со огромен број меѓународни концерти, бенд што во 20 години постоење ја освои публиката од различни возрасти во секој дел од планетата.