Климатските промени допрва ќе бидат предизвик за човештвото и за обезбедување храна, затоа мудро е новите генерации да ги учиме како се произведува храна, посочува Фросина Пандурска Драмиканин, раководителка на проекти од МЕД
Природата страда. Океаните се полнат со пластика и стануваат сѐ покисели. Екстремните горештини, шумските пожари и поплавите, како и рекордната сезона на урагани во Атлантикот, погодија милиони луѓе. Земјата јасно повикува на повик за акција.
Екосистемите го поддржуваат целиот живот на Земјата. Колку се поздрави нашите екосистеми, толку се поздрави планетата и нејзините луѓе. Враќањето на нашите оштетени екосистеми ќе помогне да ѝ се стави крај на сиромаштијата. Но ќе успееме само ако секој има своја улога. Меѓународниот ден на Земјата, 22 Април, секоја година потсетува дека ни треба промена кон поодржлива економија, која работи и за луѓето и за планетата.
– Фокусот на Денот на планетата земја за 2022-та е „Да се инвестира во планетата“. Наместо да се зборува за зголемување на работните места и профитот, важно е да помислиме како ќе го реставрираме системот на планетата и што ѝ даваме за возврат на сметка на сите ресурси што ги користиме, како и загадувањето на воздухот, почвата и водите. Сега се потребни иновативни и храбри пристапи што треба да ги преземат бизнисите, владите и секој индивидуалец – изјавува Фросина Пандурска Драмиканин, раководителка на проекти од МЕД.
Лесно е да се учествува на Денот на планетата Земја, правејќи ги дури и најситни работи, како рециклирање, користење помалку електрична енергија, засадување дрво, чистење паркови и дворови, што било што помага да се заштити и зачува нашата планета.
– Пандемијата нѐ научи да сме поекономични и дека може да се живее и со помалку. Секој чекор на свесност помага и можеме да промениме многу како индивидуалци ако гледаме што оставаме зад себе. Почнувајќи од наједноставните работи, како фрлање отпад на соодветно место. Маслото за јадење може да се рециклира и не треба да се фрла во одводот, хемикалиите и лекарствата исто така. Секогаш кога можеме, треба да штедиме вода и струја, да пазаруваме во платнени торби, да купуваме штедливи светилки, да возиме велосипед или да користиме јавен транспорт што почесто, да поминуваме повеќе време во природа. Кај нас сѐ уште немаме систем на селекција на отпадот, но тоа не мора да биде пречка да ги двоиме пластиката и стаклото од преостанатиот амбалажен отпад. Климатските промени допрва ќе бидат предизвик за човештвото и обезбедувањето храна, затоа мудро е новите генерации да ги учиме како се произведува храна. Сите овие чекори се мали, но значајни ако секој од нас ги практикува – вели Фросина.
Според неа, консумеризмот и леснодостапните производи ги направија луѓето во градовите, кои немаат контакт со земјата и со природата, доста пасивни и помалку одговорни за тоа колку ние како индивидуалци оставаме отпечаток со нашите постапки.
– Од друга страна, и некои од луѓето во руралните средини како да немаат доволно информации и едукација за тоа дека отпадот што завршува во река потоа завршува и на нива и во оброк. Ако сериозно не се зголеми едукацијата од една страна, но и целосниот однос кон животната средина, луѓето ќе страдаат сами од себе, а условите за живот во градовите ќе стануваат само понехумани и понехумани. Од друга страна, за климатските промени најсвесни се земјоделците и сточарите – ним им недостига млада сила и за десетина години од сега мислам дека ќе имаме сериозни проблеми со производство на локална храна, од една страна поради малиот интерес на млади земјоделци/сточари, а од друга страна поради ненавременото модернизирање за справување со последиците од климатските промени. Во моментов мислам дека свеста е на многу ниско ниво и за нашите постапките и за последиците што следуваат – категорична е Пандурска Драмиканин.
За да се сврти вниманието кон зачувување на планетата, прво треба да се сврти вниманието кон себе и кон природата.
– Луѓето порано, кога зависеле од природните ресурси, имале цел систем за нивно одржливо користење и строго чување и никој не се бунел за строгите правила, бидејќи луѓето биле свесни дека ако не се однесуваат мудро, нема да опстанат. Во денешно време, луѓето набавуваат храна во маркети и цел овој систем е толку далечен, што одговорноста и свесноста за тоа колку наштетуваме со некои наши постапки е многу намалена. Купувањето локална храна, помалку пакувана храна е секогаш добар избор, кој нема негативен ефект. Доколку застанеме на страната на природата, застануваме во своја одбрана. Во светот сѐ почесто има мали компании што предлагаат одржливи модели, како детергенти во амбалажа за повеќекратна употреба. Таквите компании ќе ни го менуваат стилот и ќе нѐ едуцираат дека може и поинаку. Од друга страна, ќе учиме дека дури и туризмот има свои негативни последици ако е масовен и ако се одвива на места што се предодредени да останат онакви какви што се „уникатни и единствени поради ретките видови што ги населуваат“, без присуството на човекот – посочува Фросина.