Добрината сама по себе не е доволна за управување

Менциј се смета за најзначаен претставник на конфуцијанската филозофска школа. Учел под покровителство на внукот на Конфуциј – Ци Си. Книгата на Менциј и три други дела, кои традиционално му се припишуваат на Конфуциј, го сочинуваат конфуцијанскиот книжевен канон познат како Четирите писанија

Знаменитостите на Кина

Менциј е еден од најзначајните филозофи во кинеската историја, а неговото учење се заснова на четири столба: човечност, праведност, обредоредие и мудрост. Неговите дела се напишани во седум книги, во вид на дијалози, а сите тие се собрани во една книга епонимно наречена по авторот – „Менциј“. Живеел на преминот од третиот во четвртиот век пред нашата ера, кога Кина била поделена на мали завојувани држави. Негова мисла за управување со државата е: „Добрината сама по себе не е доволна за управување, а законите сами по себе не можат да се спроведуваат.“
Бил патувачки филозоф и мудрец и еден од главните толкувачи на конфуцијанството. Се мисли дека му бил ученик на Конфуциевиот внук. Спореден една легенда, како и Конфуциј, тој патувал по Кина четириесет години за да ги советува владетелите за реформи. Служел како висок чиновник за времето на периодот на завојуваните држави во државата Чи од 319 до 312 пред нашата ера.
Неговото толкување на конфуцијанството било сметано за ортодоксно од страна на подоцнежните кинески филозофи, особено од неоконфуцијанците од династијата Сунг. За разлика од изреките на Конфуциј, кои се кратки и воздржани, „Книгата на Менциј“ се состои од долги дијалози и аргументи.
Конфуциј не се занимавал експлицитно со човековата природа, но Менциј тврдел дека човекот е природно добар и сметал дека општеството – отсуството на позитивно влијание од него – е тоа што може да го направи човека морално лош. „Оној што крајно го напрега својот ум си ја познава сопствената природа“ и „човекот учи со тоа што си го пронаоѓа изгубениот ум“.

Храм посветен на Менциј

За да ја прикаже вродената добротија, користел пример со дете што паѓа во бунар. Сведоците на немилиот настан веднаш се чувствуваат „тревожно и потресено, не за да се зближат со неговите родители, не за да бидат фалени од соседите и пријателите, ниту пак дека не сакаат да се зборува за нив дека не го спасиле детето… Сочувството е почетокот на човечноста; срамот и небендисувањето се почеток на правичноста; почитта и согласноста се почеток на пристојноста; и осетот за правилно и погрешно е почеток на мудроста. Луѓето ги имаат овие четири почетоци како што имаат раце и нозе. Имајќи ги овие почетоци, оној што тврди дека не може да ги развие, паѓа во самопропаст. “
Го истакнувал значењето на обичните граѓани во државата. Додека конфуцијанството високо ги цени владетелите, Менциј смета дека поданиците можат да го симнат, па дури и да го убијат владетелот доколку тој е суров и ги запоставува нивните потреби. Според ова гледиште, владетелот што не владее праведно повеќе не е вистински владетел. Зборувајќи за убиството на кралот Џие од Сја, Менциј рекол: „Сум чул за убиството на обичниот човек Џоу, но не сум чул за неговото убиството како владетел.“
Се верува дека Менциј бил современик на Сјин-це, Џуанг-це, Као-це и Платон. Сјин-це бил конфуцијанец што сметал дека човечката природа е изворно лоша (но не зла), а дека целта на моралната цивилизација е таа природа да ја претвори во добрина. Менциј се спротивставувал на ова, а Чу Сји го прогласил ова гледиште за неортодоксно.
Честопати го споредуваат со Платон поради теориите за човековата природа. Двајцата биле идеалисти по тоа што верувале во вродената морална добрина на сите човечки суштества. Неговиот аргумент за соборувањето на неправедниот владетел потсетува на Сократовиот аргумент во првата книга на Платоновата „Држава“.


Експериментален квантен сателит именуван според Менциј

Во 2016 година, Кина лансира прв експериментален квантен сателит во светот, за кој се верува дека не може да биде хакиран, прислушуван и пресретнат. Сателитот е наречен „Менциј“, според древниот кинески филозоф и пронаоѓач, и е лансиран од страна на вселенскиот центар „Џингуан“.
Комуникацискиот сателит од новата генерација е отпорен на сите познати видови сајбер-напади и може да се употребува за различни воени и технолошки цели, јави агенцијата „Ксинхуа“. Сателитот за квантни експерименти во вселенски услови ќе емитува кодирани пораки од вселената на Земјата и ќе дава научни информации за квантното отклонување. „Менциј“ е дизајниран да пренесува пораки меѓу релеј-станици на два континента со помош на ултрабрзи кохерентни ласери.