Вредноста што им ја придаваме на нештата честопати ја одредува окото на набљудувачот или во прашање е општествен договор. Уметноста од секаков вид вреди онолку колку што луѓето се подготвени да платат за неа и често станува статусен симбол. Трендот што ги обележи последните неколку години и кој е сѐ поприсутен е инвестицијата во дигиталната уметност НФТ, која претставува нов пазар, и за уметниците и за колекционерите.
НФТ или незаменливи токени се единствени дигитални средства што не можат да се заменат. Тие се дел од технологијата наречена Блокчејн, глобална база на податоци преку интернет. Во некои случаи, имаат неверојатно висока вредност. Колекционерите инвестираат во нив на ист начин како и во физичките предмети. Бидејќи постојат уникатни уметнички дела што им го привлекуваат вниманието на колекционерите, незаменливите токени се најновиот начин за трговија со колекционерски предмети и опфаќаат уметнички форми што се движат од дигитална уметност, анимација до музика и виртуелни простори. Во суштина, сè што може да добие одредена вредност и што може да се складира во дигитална форма може да се продава и како НФТ.
Најскапиот НФТ
Во март 2021 година, уметникот Мајк Винкелман, познат како Бипл, го продаде своето дигитално уметничко дело наречено „Секојдневие: Првите 5.000 дена“ за неверојатни 69,3 милиони долари, највисоката цена некогаш платена за НФТ. Тоа значи дека оваа неверојатна сума е дадена за дигитална уметност, која во овој случај е ЈПГ-датотека. Станува збор за колаж составен од поединечни дела што уметникот ги создавал секојдневно 5.000 дена, од 2007 година. Ова дело беше претставено на првата дигитална НФТ-аукција на познатата аукциска куќа „Кристи“. За време на аукцијата пристигнаа 180 понуди, а почетната цена беше само 100 долари. Со крајна цена од речиси 70 милиони долари, ова е трета највисока цена што ја добила работата на жив уметник. Кога оваа бројка ќе се подели со 5.000 дела што го сочинуваат колажот, цената на поединечно дело е 13.860 долари.
„Куќата Марс“
„Куќата Марс“ е дело што претставува дигитален имот што беше продаден како НФТ за 500.000 долари. Уметницата Криста Ким ја дизајнира првата дигитална куќа направена со 3Д-технологија. Куќата се состои од стаклени ѕидови со поглед на планините на планетата Марс. Во виртуелната реалност, можете да ја посетите куќата, а уметницата била мотивирана од принципите на медитативниот дизајн.
Анонимен аниматор
Анонимниот криптоуметник Пак е еден од најуспешните креатори, заземајќи две места во првите десет продажби на НФТ. Пак е суперѕвезда во светот на дигиталната уметност и е заслужен за некои од најдобрите НФТ-дела, а Илон Маск е само еден од неговите многубројни обожаватели. Препознатлив е по 3Д-анимации што се речиси хипнотизирачки додека ги гледате. Во март 2021 година, тој продаде една од неговите анимации за 904.413,47 долари. Познатата аукциска куќа „Сотби“ го обележи своето влегување во арената на НФТ претставувајќи го овој уметник.
ХФТ како членска картичка
Една од најпознатите колекции на НФТ-дела што се користат како аватари моментално е „Борд ејпс јахт клаб“. „Борд ејпс“ е збирка од 10.000 НФТ – уникатни дигитални слики на различно дизајнирани анимирани мајмуни. Секој „Борд ејпс“ служи и како членска картичка на клубот и обезбедува пристап до придобивките само за членови. Поединечниот „Борд ејпс“ е единствен и програмски генериран од над 170 можни карактеристики, вклучувајќи изрази на лицето, боја на крзно, облека и многу повеќе.
Сите мајмуни се уникатни, но некои се поретки од другите, така што нивната цена е исто така различна, а на цената влијае и комбинацијата на самите елементи, како што се бојата на крзното, видот на капата, обетките, очилата итн. На самиот почеток, еден НФТ-мајмун беше проценет на нешто повеќе од 100 долари, додека сега почетната цена е над 250.000 долари. Популарноста на самиот клуб дополнително ја промовираа познати членови, како раперот Еминем и актерката Гвинет Палтроу. Дури и брендот „Адидас“ го користеше „Борд ејпс“ како профилна слика на социјалните мрежи.
Познати личности во светот на НФТ
Кога познатите личности ќе препознаат дека нешто станува тренд, тие брзо се вклучуваат во играта. Од музика, преку фотографија и анимација, некои од најголемите светски ѕвезди се приклучија на дигиталниот пазар. Раперот Снуп Дог ја објави својата НФТ-колекција наречена „Патување со Снуп Дог“, која содржи уметнички дела инспирирани од НФТ и оригинални музички нумери. Исто така и Парис Хилтон ја создаде својата колекција на автобиографски НФТ, која се состои од над 141 дело. Поранешната партнерка на Илон Маск, музичарката Грајмс, ги продаде своите уникатни дигитални уметнички дела вредни шест милиони долари. Таа беше една од првите познати личности што создадоа колекции на дигитална уметност.