Во славното Ваташа, на празникот Петровден, во месноста Моклиште и спомен-паркот на дванаесетте ваташки младинци, се одржа четвртото издание на фестивалот на чалгиска музика – „Чалгија фест Ваташа 2026“, во организација на здружението „Ваташка чалгија“ со поддршка од Општина Кавадарци.
Овој единствен фестивал во Македонија ги собра најдобрите чалгиски тајфи и врвни интерпретатори, кои со своите настапи ја оживеаја традицијата и ја пренесоа убавината на еден од најстарите музички жанрови.
Фестивалот започна со химната на Ваташа – песната „Ми заплакало селото Ваташа“ во изведба на Радица Костадинова со придружба на Ваташка чалгија. Потоа следеа прекрасни изведби на познати песни како „Милке душо“, „За кого ти цути Дано лицето“, „Сношти минав крај рајската градина“, „Збогум мајко јас отидов“, „Антице џанам душице“, „Кажи Јано кажи душо“ и многу други.
Публиката уживаше во настапите на Марјан Коцев, Ванчо Тарабунов, Драгана Станишевиќ, Душко Георгиевски, Круме Спасовски, Перо Цаца, Благица Павловска и Сузана Спасовска. Од чалгиските тајфи се издвојува велешката „Чалгии мерак“, „Чалгија саунд систем“ со Добрила Грашевска, солистичкиот настап на Хусреф Саид на канун, Стефче Стојковски на гајда со Трајче Ристов на дајре, како и домаќините – ваташката чалгија составена од Димо Димов-Дулот (ќемане), Васо Ристов (брач), Лазо Нашев (џумбус), Илчо Јованов (дајре), Горан Костадинов (кларинет) и Перо Пењушков (лаута).
Во своето инспиративно обраќање, творецот на фестивалот д-р Перо Пењушков ја потенцира важноста од зачувување на богатата традиција на чалгиското музицирање, кое е нераскинлив дел од културниот и етничкиот идентитет на македонскиот народ.
Четвртото издание на „Чалгија фест Ваташа“, одржано во рамките на „Кавадаречко културно лето 2026“, привлече уште побројна публика и понуди несекојдневно музичко доживување со голем број врвни музичари и пејачи, потврдувајќи дека традицијата живее преку љубовта и ентузијазмот на оние што ја негуваат. М.М.









































