Букефал е опишан како голем црн коњ со голема бела ѕвезда на неговото чело. Имал сини очи и неговата раса била една од најиздржливите. Според легендата, Александар во тоа време бил единствениот кому Букефал му се покорил. Коњот прво му бил понуден на Филип Втори Македонски од страна на Филоник, трговец на коњи, за цена од 13 таланти, што биле многу пари во тоа време. Бидејќи никој не можел да го скроти коњот, Филип се откажал од купувањето. Но Александар се понудил сам да плати за коњот доколку успее да го скроти. Тој забележал дека Букефал се плаши од својата сенка, па го свртел кон сонцето за да не може да ја гледа. Така коњот се смирил и Александар успеал да го јавне. Легендата зборува дека од тој момент Букефал и Александар биле неразделни и заедно учествувале во сите битки
Знаменитостите на Македонија
Букефал бил коњот на кралот Александар Трети Македонски и еден од најпознатите коњи од антиката. Историските извори посочуваат дека расата на Букефал била од „најдобриот тесалиски сој“ и дека починал во денешен Пенџаб, Пакистан, по битката кај Хидасп, во 326 година пред нашата ера. Според Диодор, коњот бил всушност подарок од Демаратус од Коринт, кој бил етрурски принц роден во Коринт.
Според Плутарх, антички историчар, тесалскиот трговец со коњи по име Филоник му го понудил Букефал на македонскиот крал Филип Втори, за неверојатно висока сума од 13 таленти. Сепак, Александар го убедувал татко си дека може да скроти коњот, а доколку не успее, тој ќе ја плати сумата. Александар ја добил можноста и ги изненадил сите со тоа што го покорил коњот. Според историската традиција од антиката, младиот Александар согледал дека коњот всушност се плашел од сопствената сенка и тоа било причината за нескротливоста. Александар смирувачки му говорел на коњот и го свртел кон сонцето, за да не може да ја гледа сопствената сенка. Според Плутарх, кога Филип согледал како неговиот син го скротил коњот, му се обратил со следните зборови: „О, синко, гледај си кралство еднакво и достојно за тебе, зашто Македонија е премалку за тебе“.
Во делото „Псевдо Калистен“, книга за Александар Велики чиј автор е непознат, може да се прочита дека Букефал бил прекрасен коњ, но во него доминирал див бес, што го навело да лови човечки суштества за да ги јаде. Затоа Филип изградил железен кафез, каде што требало да завршуваат сите што не му се покорувале. Според друга традиција, на Филип му било предвидено дека оној што ќе го јава коњот ќе биде крал на светот.
Името Букефал може да се преведе како глава на бик и се верува дека коњот имал заоблено лице, со широко чело, каде што имало бело дамка, која личела на ѕвезда или глава на бик, но постојат многу верзии и не е доволно јасно.
Букефал како главен коњ на младиот Александар учествувал во многубројните битки на овој македонски крал при освојувањето на Персиското Царство. Според античката традиција, Александар многу го вреднувал својот коњ и го споредувал со коњите на Ахил, тројанскиот јунак за кого тврдел дека е негов предок, односно за Ахиловите коњи се велело дека „ги надминуваат сите други, затоа што се бесмртни“.
Античкиот историчар Аријан наведува дека Букефал умрел на триесетгодишна возраст. Меѓутоа, според други извори, причината за смртта на коњот не била неговата старост или замор, туку фатални повреди во битката кај Хидасп, во 326 година пред нашата ера, во која војската на Александар го победила индискиот крал Пор. По битката, во чест на својот коњ, Александар го основал градот Букефалија, на западниот на брег на реката Хидасп (денешен Џелум во Пакистан).
Уште во антиката се појавила митска поврзаност помеѓу Александар и Букефал. Во овој контекст е и легендата дека биле родени и починале во исто време, односно дека нивните судбини биле поврзани и неразделни. Во антиката кога се создал т.н. култ кон Александар сосема било природно кралот да има омилен коњ. Слично постапувале и Старите Римјани. Цезар имал омилен коња, како и контроверзниот римски цар Калигула, за кого се вели дека неговиот коњ му приредувал забави или дека планирал да го прогласи за конзул. Д.Ст.