Фото: Кирил Симеоновски

Знаменитостите на Македонија

„Кралот Филип Петти го зазел Билазора, најголемиот град во Пајонија, многу погодно расположен за владеење со преминот од Дарданија до Македонија, така што со ова достигнување бил речиси целосно ослободен од стравот од Дарданците бидејќи повеќе не им било лесно да надоаѓаат во Македонија сè додека градот на Филип му давал власт над преминот“, Полибиј

Подготвил: Далибор Станковиќ

Билазора е пајонски град од периодот на раната антика. Лоциран е во Овче Поле, а денес наоѓалиштето се вика Градиште, во месноста Славков Дол кај селото Кнежје. Споменатиот град заедно со подградието зафаќал површина од околу 20 хектари. Претставува висок рид со неколку тераси, опкружен со стрмни и тешко пристапни страни во внатрешниот дел, избразден од поројните води и ерозијата на земјата, кои како остри засеци се спуштаат дури до подножјето на северниот крај. Градиште како археолошки локалитет е познато од порано, преку случајно откриени наоди, а и од И. Микулчиќ, кој во неговиот габарит го лоцира раноантичкиот пајонски град Билазора.

Билазора како најголем и најзначаен град на Пајонија

Според експертите, два значајни датума во историјата на Античка Македонија се поврзуваат со градот Билазора: 217 година пр. н.е. кога македонскиот крал Филип Петти ја обновил нејзината утврдувачка мрежа и 168 година пр. н.е. кога македонскиот крал Персеј во фаза на подготовки за Третата македонско-римска војна успеал да договори воена помош од страна на Галите, кои биле стационирани во близината на Билазора. Полибиј запишал дека: „Кралот Филип Петти го зазел Билазора, најголемиот град во Пајонија, и многу погодно расположен за владеење со преминот од Дарданија до Македонија, така што со ова достигнување бил речиси целосно ослободен од стравот од Дарданците бидејќи повеќе не им било лесно да надоаѓаат во Македонија сè додека градот на Филип му давал власт над преминот.“

Билазора се споменува и од страна на римскиот историчар Тит Ливиј во неговото дело „Историја на Рим“, кога кралот Персеј во 168 година пр. н.е. обезбедил воена поддршка од Галите, кои биле во поход на Десудаба, барајќи галската војска да го пресели својот камп во Билазора, место во Пајонија, и нивните војсководци да појдат заедно со него до Алмана на реката Вардар. Поволната географска местоположба во однос на околното опкружување му наметнува улога на комуникациски репер и раскрсница на патните правци од север кон југ и од исток кон запад, помеѓу границите на тогашна Дарданија, Тракија и Македонија. Античка Билазора како најголем и најзначаен град на Пајонија првпат ја споменуваат Полибиј и Тит Ливиј. Тие укажуваат на нејзината стратегиска географска положба и улога на чувар на северната граница на Античка Македонија во одбраната од Дарданците.

Археолошки истражувања и интервенции на Градиште во Кнежје

На Градиште во Кнежје се извршени повеќе археолошки интервенции. Најчесто се работело за сондажни, односно контролни ископувања на различни позиции на Градиште. Систематските истражувања главно се вршат на акрополот од 2008 година и сѐ уште се во тек. Досегашни истражувања се од: 1976 – Убикација, И. Микулчиќ, 1990 – Сондажни ископувања, Г. Микулчиќ, 1994 – Сондажни ископувања на базенот во подножјето, З. Георгиев и С. Данев, 2001 – Сондажни ископувања на јужна некропола, С. Данев, 2008 – 2012 – Ископувања на акрополот, заедничка македонско–американска соработка, под раководство на С. Данев и В. Најдингер, 2013 – 2015 – Детални систематски истражувања, капитален проект на УЗКН и Министерството за култура, заеднички проект на ОУ Народниот музеј – Свети Николе и Филозофскиот факултет – Скопје, под раководство на Драги Митревски и 2016 – Проект од национален интерес на Министерството за култура, заеднички проект на ОУ Народниот музеј – Свети Николе и Филозофскиот факултет – Скопје, под раководство на Драги Митревски.

Истражувањата на акрополниот дел на Билазора открија низа наоди погодни за решавање на хронолошките прашања. Меѓу другото, овозможија документирање на основните развојни етапи или фази на употреба на дадениот простор. Во таа смисла, евидентно е издвојувањето на различните културни хоризонти, поточно, различните урбанизации и различни организации на животот во различни периоди од историското суштествување на Билазора. Врз основа на вертикалната стратиграфија и синхронизацијата на културните слоеви на целиот простор на акрополот, можат да се издвојат четири културно–историски фази, како основни етапи на употреба или развиток на Билазора: фаза 1 (седми и петти век пред нашата ера), фаза 2 (од втора половина на петти – до средината на четврти век пред нашата ера), фаза 3 (од втората половина на четврти век – до 279 г. пред нашата ера) и фаза 4 (од 279 – до 168 г. пред нашата ера).

Досега е откриен голем дел од акрополот на Билазора, а годинава се работи на откривање градби во западниот и во јужниот дел на платото.

Артефакт во Вилазора