Мики Јовановски Џафер во новиот спот пее, свири и режира!
Мики Јовановски Џафер по подоолга пауза се јавува со нешто ново на македонската музичка сцена. Станува збор за преработката на хитот „Johnny B. Goode“ на пионерот на рокенрол-музиката Чак Бери. Во новата верзија песната се вика „Џоле бре Гол“ и е снимена на кавадаречки дијалект. За да биде поавтентичен текстот, на Мики му помогна кавадарчанецот Бубо Каров, па Џони Б. Гуд од Луизијана, стана Џоле бре Гол од Тиквешијата. Видеото е реализирано на неколку локации во Кавадарци и околината.
Промоцијата на спотот снимен за оваа нумера се случи во рамките на одбележувањето на Свети Трифун, на градскиот плоштад во Кавадарци.
Интересно е дека Мики е автор на идејата за спотот и режисер на видео приказната за „Џоле бре Гол“ , а освен што пее, тој ги свири и гитарите заедно со Ивица Јорданов. Главен лик во спотот е Божидар Јорданов, (15), кој сонува да стане ѕвезда, свирејќи на дрвено столче среде лозјата во Тиквешијата. И неговиот сон, со многу упорност, вежбање и малку среќа станува јаве.
Во снимањето помогнаа и Пере Нокаут (вокали, микс, снимање ) и Пепи Ренџов (програмирање и гитари), а снимањето беше во „НК студио Перевски“. Во снимањето учествуваа и Мичи и Дарко – Дореми.
Во спотот Иван Бејков свири бас, Михаил Парушев тапани, Петар Ренџов клавијатури, Мики Јовановски на гитара, како и Ивица Јорданов, кој ги отсвири и извонредните гитарски сола кога гитарата звучи како гајда што на песната ѝ дава македонски шмек.
Песната важи за најголема химна на рокенролот, па затоа не е случајно што кавер направи пионерот на македонскиот рокенрол Мики Јованоски Џафер. М.Т.