Со помош на глина, 3Д-печатач и други техники, археологот Оскар Нилсон создаде лик на жена чиј скелет е стар 4.000 години. Жената од Лагмансерен, како што во Шведска го нарекуваат скелетот, кој важи за еден од најстарите пронајдени во оваа змеја, доби реален лик благодарение на вештината на археологот Оскар Нилсон и технологијата наречена ново лице. Имено, тој за потребите на музејот „Вестернорланд“, по повод изложбата, која следи 9.500 години од населувањето на Шведска, го реконструирал изгледот на жена од камената доба.
Во изминатите две децении, Оскар Нилсон станал пионер во реконструктивната археологија и во овој период создал изглед на повеќе до 100 луѓе починати во дамнешното минато. Кога ја почнал реконструкцијата на главата на жената од Лагмансерен, за неа знаел дека била доста ниска, со исфрлена вилица, која на посебен начин ја обликувала устата, со ниско поставени очи и асиметричен нос.
Со оглед на тоа дека од коските на скелетот не можел да извлече ДНК, за да ја открие бојата на косата, кожата и очите, Нилсон користел историски податоци, според кои се претпоставува дека жената од камената доба живеела во времето кога првите земјоделци се населиле во Скандинавија и почнале да се мешаат со групите ловци собирачи. Познатиот археолог претпоставил дека таа имала светол тен и темна коса. Ликот го оживеал за 15 дена, а потоа жената ја облекол во облека од штавена животинска кожа, косата ѝ ја собрал за да не ѝ се заплеткува од гранките додека се движи низ шумата, а на вратот ѝ ставил ѓердан од птичји канџи.
Скелетот на жената од камената доба е пронајден пред еден век, на североистокот на Шведска. Всушност, во гробот обележен со камен среде шумата имало два костура, на споменатата жена и на осумгодишно момче. Се претпоставува дека биле мајка и син, кои живееле пред 4.000 години. Според зборовите на Оскар Нилсон, иако сакал да го реконструира и ликот на момчето, неговиот череп бил премногу оштетен за таков потфат.