Учебната година само што започна. Според истражувачите од Универзитетот во Базел, учениците подобро се справуваат со стресот ако вежбаат доволно во текот на денот. Вежбањето помага да се намали стресот. Меѓутоа, дали ова важи и за децата? Дали вежбањето им помага да се справат со притисоците да се снаоѓаат добро на училиште?
Истражувачкиот тим избра 110 ученици на возраст од 10 до 13 години и побара од нив да носат сензори што ќе ги следат нивните движења една недела. Учесниците во таа студија потоа биле донесени во лабораторија во два наврата за да извршат една стресна задача и една нестресна контролна задача. Истражувачите го тестирале физичкиот стрес кај децата преку концентрацијата на хормонот на стрес, кортизол, во нивната плунка, пишува „Сајанс дејли“.
– Сакавме да утврдиме дали физичката активност ги прави децата поотпорни во лабораториски контролирани околности – истакна водачот на проектот д-р Себастијан Лудига од Одделот за спорт, вежбање и здравје.
Резултатите покажуваат дека учесниците што вежбале повеќе од еден час дневно, што е препорачано од Светската здравствена организација, всушност произведувале помалку кортизол за време на стресната задача од децата што биле помалку активни.
– Се чини дека редовно активните деца генерално доживуваат помалку физиолошки стрес – забележува водечкиот автор на студијата, д-р Мануел Ханке.
Дури и во контролната задача, која вклучуваше непозната ситуација што ги направи малку вознемирувачки за учесниците, имаше разлика во нивото на кортизол помеѓу повеќе и помалку активните деца – иако целокупните нивоа на кортизол беа пониски отколку во стресната задача.
– Кога децата редовно трчаат, пливаат, се качуваат итн., мозокот учи да го поврзува зголемувањето на кортизолот со нешто позитивно. Реакцијата на телото секогаш има и когнитивна компонента – оваа позитивна асоцијација помага да се спречи растот на концентрацијата на кортизол на превисоко ниво и во ситуации како испити – истакнува Лудига.
Покрај анализата на примероците од плунка, истражувачите ги испитувале и когнитивните одговори на стресна задача со снимање на мозочните бранови на учесниците со помош на електроенцефалограм (ЕЕГ). Тие податоци планираат да ги анализираат во следниот чекор.
– Стресот може да го попречи размислувањето. Некои од нас се запознаени со него во најекстремната форма – затемнување на свеста – објаснува Ханке. Истражувачите сега сакаат да утврдат дали физичката активност исто така има влијание врз овие когнитивни последици од стресот.