Казбек е третиот највисок врв во Грузија (по планината Шхара и Џанга) и седмиот највисок врв на Кавкаските Планини. Казбек е, исто така, втор највисок вулкански врв на Кавказ, по планината Елбрус. Врвот се наоѓа директно на запад од градот Степанцминда и ги содржи едни од најистакнатите географски одлики на областа. Казбек е највисокиот врв на Источна Грузија. Името на грузиски јазик во превод значи „замрзнат студен врв“. Планинарот и планински водич Бобан Стефановски пред неколку дена го искачи Казбек, висок 5.040 метри, на масивот Кавказ.
– Казбек е врв на самата граница меѓу Грузија и Русија, и е врв, кој, иако не е највисок на масивот Кавказ, сепак е еден од потехничките, а и ментално и физички тежок врв. Бидејќи последните две експедиции ми беа на стратовулкани – Дамаванд (5.609 м) во Иран и Арарат (5.137 м) во Турција, сакав да заокружам една целина на три искачени стратовулкани, па изборот падна на Казбек, затоа што не е комерцијален врв, многу ретко качуван од планинари од Македонија, а сепак е врв што бара одлична ментална, физичка и техничка подготвеност. Немав некој посебен начин на подготовка за оваа експедиција, бидејќи секој слободен момент и ден ги користам да ги поминам на планина. Групата со која одев се состоеше од двајца планинари од Австрија, еден од Црна Гора, четворица од Србија и јас од Македонија – раскажува Бобан.
Тој вели дека воопшто немале време за аклиматизација. Во Грузија стигнале во сабота. Првичниот план бил да одмораат тој ден, во недела да стигнат до домот, кој е на 3.660 м, да преспијат една вечер, а во понеделникот да направат аклиматизација до 4.100 метри и во зависност од времето, вторник или среда, да го качат врвот.

– Меѓутоа, дента кога стигнавме во Грузија, временската прогноза се промени на лошо, ноќта во понеделникот, 28 август, наспроти вторник имаше врнежи од снег со многу јак ветер. Имавме само еден ден, во понеделник, и одлучивме веднаш да се обидеме да го качиме врвот. Иако постоеше огромен ризик да нѐ фати висинска болест, се договоривме да одиме до кај што можеме и при најмал знак ако на некој од групата не му е добро, и двете наврски се враќаме и ја завршуваме експедицијата. За наша среќа, сите го качивме врвот во понеделник, на 28 август, во 10 часот наутро. Денот беше преубав, без ниту еден облак, но со јак северен ветер што многу го отежнуваше искачувањето – ни сподели Бобан.
На прашањето кој е најтешкиот момент од искачувањето ни изјави:
– На височина од 4.900 метри се излегува на едно плато под врвот, една мала рамна површина на која многу планинари се откажуваат откако ќе стигнат до тука. Последните 150 висински метри се најисцрпувачкиот момент, бидејќи степенот на стрмност е повеќе од 45 степени. Замислете, недоволно аклиматизирани, при многу јак ветер со техничка опрема на вас да искачувате снежна и заледена стрмнина од 45 степени. Тоа беше дефинитивно најисцрпувачкиот момент.
Времето на врвот било прекрасно. Имале среќа видливоста да биде одлична, па оттука се гледал Елбрус, се гледале околните врвови, се гледал целиот глечер, се гледало гратчето Владикавказ, кое е почетна станица за искачување од руска страна.

– Моментот кога стапнав на врвот дефинитивно не може да се опише. Самиот почеток на експедицијата не почна на пријатен начин – првин летот за Истанбул доцнеше два часа, потоа ранецот со техничката опрема доцнеше половина ден и бидејќи не стигна на истиот авион со мене, требаше да го чекам на аеродромот во Тбилиси да го пратат со следниот авион. Потоа моментот со промена на временската прогноза имаше малку демотивирачко дејство врз сите нас. Поради овие моменти, никогаш порано не сум се чувствувал толку среќен како тогаш. Дури ни кога го качив Мон Блан (висок 4.810 метри), кој ми е прв искачен врв од високогорските врвови, немаше толку голем бран на среќа и емоции како моментот кога го искачив Казбек. Меѓутоа, поради силниот ветер, направивме неколку фотографии и по пет-10 минути тргнавме да се спуштаме накај планинарскиот дом – се присетува Бобан.

На вакви високогорски експедиции и искачувања должината во километри не е мерило за тежината на една патека. Меѓутоа, во комбинација со висинската разлика, надморската височина на која се наоѓа врвот и степенот на стрмност, горе-долу се добива една слика за тоа за каква патека станува збор. Од планинарскиот дом Бетлеми до врвот има околу 1.450-1.500 метри висинска разлика со 12 километри должина, додава тој.
Вели дека спуштањето секогаш е потешко отколку качувањето.
– Додека трае качувањето, телото е одморено, фокусот е на повисоко ниво, сконцентрирани сте. Меѓутоа, откако ќе почне спуштањето, веројатноста за повреди и да се случи нешто опасно и несакано е многу поголема. Телото е веќе уморено, фокусот е на пониско ниво, енергијата е при крај. Затоа јас секогаш велам дека е важно да се слуша телото, да се калкулира времето за пауза, бидејќи искачувањето на врвот е само половина пат, втората половина е од врвот до стартната точка – истакнува Стефановски.