Поранешниот лидер на групата „Азра“ и авторските права
Бившиот лидер на култната хрватска група „Азра“, Бранимир Џони Штулиќ (67), со децении, поточно од 1981 година, води битка за заштита на авторските права на својата музика. Многупати досега јавно се изјаснувал за тоа, а неодамна повторно на својот јутјуб-канал изјави дека ќе направи сѐ да ја исправи неправдата што му се нанесува цели 40 години.
Сѐ почнало кога тој излегол од Сојузот на композиторите на Југославија, од каде што им се исплатувале хонорарите на авторите, кој, како што вели, и натаму го ограбува. Штулиќ го обвини и ЗАМП, како и „Кроација рекордс“, од која бара исплата од 25 милиони евра, објави порталот Индекс.хр. Тој нагласува дека од СОКОЈ не примил ни динар во својот живот.
– За втората половина на 1980-та, на моја сметка заработивте барем 50.000 тогашни марки, само од „Југотон“, на име на моите авторски хонорари што никогаш не сум ги видел, а следната 1981 г. многу повеќе. Да не ги споменувам радиодифузните изведби, како во земјата, така и во странство – наведува Штулиќ.
Меѓутоа, според наводите на легендарниот музичар, СОКОЈ не престанал да ги собира неговите приходи ниту по истекот на 1981 година, а тоа се случувало до 1994 година, кога, како што вели во неговиот препознатлив стил, во замена на хрватската „Бура“ го предале на ЗАМП.
– Се гледа дека работите за истиот газда. На тој начин секоја година ме оштетувавте за по еден милион евра, бидејќи, иако знаевте дека не се согласував со вашите постапки, до почетокот на војната на секој носач на звук стоеше ознаката СОКОЈ и на тој начин моите радиодифузни приходи се слеваа во вашите куфери. Токму тоа е причината за вашето подметнување на непостојни веб-лиценци на моите песни, контент ИД и други лажни и нереални податоци – обвинува Штулиќ.
Тој додава дека, сепак, оваа математика на крајот ќе биде поволна за него, поради каматите што ќе ги добие за секоја година мамење.
На овие обвинувања на Штулиќ сѐ уште нема одговор од ЗАМП.
Легендарниот музичар Бранимир Џони Штулиќ е роден во Скопје, во 1953 година, а во една пригода изјави дека по распадот на Југославија, иако и Хрватска и Србија очекуваа дека ќе земе нивни пасош, тој би сакал да има само македонски пасош. Наводно поднел и барање до македонските власти, но, за жал, досега не се случи тоа. Овој легендарен музичар остави голема трага во популарната музика во некогашна Југославија, пред сѐ со своите авангардни текстови, и сѐ уште има огромен број почитувачи во регионот, а неговиот култ живее до денес. Штулиќ од 1990-тите живее во Утрехт, Холандија, вози такси, игра фудбал, пишува книги, објавува песни и преработки на својот канал на Јутјуб и со сите сили се брои за своите авторски права.