Прилепската поетеса Андриана Ристеска деновиве се закити со меѓународно признание – диплома за промоција на македонската литература надвор од границите на нашата земја.
– Признанието е потврда е дека македонскиот јазик има длабоки корени, постоел и ќе постои. Доаѓа во време кога сме сведоци како се негира нашиот македонски јазик – вели таа.
Ристеска времето на изолација, додека трае пандемијата, го користи за творештво.
– Јазикот на љубовта надалеку се слуша и секој може да го разбере. Затоа интензивно работам на подготовките на мојата следна збирка поезија, со наслов „Очи полни сончевина“ – вели Ристеска, најавувајќи дека наскоро ќе има промоција.
Првата поетска збирка на Ристеска, „Цвет во аманет“, беше наградена на конкурсот „Поетски синтези“ во Битола. Таа е поетеса што пее за љубовта кон ближните, кон татковината.
– Поезијата на Андриана е специфична и лесно препознатлива, наполнета со многу емотивен набој, топлина, со нежни чувства, кои извираат од секој нејзин стих и се распрснуваат како од една голема љубовна фонтана чии капки не може да ги дофатиме и собереме, бидејќи се многу и ги има за сите – вели Иле Наумов за нејзината поезија.
Ристеска е членка на Клубот на литературни творци во Прилеп и е добитничка на повеќе награди.