Годинава, по 21. пат, се одржува фестивалот „Таксират“, a како дел од него ќе се одржи и новото издание на ПИН-музичката конференција, која ќе се одржи по шести пат, од 28 до 30 ноември во Младинскиот културен центар во Скопје. ПИН и годинава ќе биде домаќин на стотина значајни делегати, говорници и имиња од европската музичка индустрија.
– За време на тридневната програма ќе се дискутира за актуелните теми од музичкиот бизнис и промените што се случија во последните десет години, потоа за авторските права, како да се дојде до титулата европски град на културата, но и за букингот, менаџментот, за политика и култура, експорт-офис, дигитален маркетинг и можности за промоција – велат организаторите.
„Таксират“ веќе започна со концертот на Ману Чао и неговиот музички проект „Ел Чапулин соло“, кој се одржа на 24 октомври во МКЦ. Сѐ до 7 декември, нѐ очекуваат уште серија одлични „славенички“ настани.
За први декември организаторите го најавуваат првиот самостоен и долгоочекуван концерт на македонскиот автор ЛД Пистолеро во МКЦ. По шест години од првиот соло-албум „После мостот“, во мај годинава тој го издаде својот нов студиски албум „Далеку“, кој беше распродаден истиот ден.
„Мугер Фугер“ и „Готра“ на 5 декември ќе настапат во денсинг-салата во МКЦ, на кој ќе ја резимираат нивната десетгодишна соработка со концертна и ЛП (винил) промоција на музичкиот проект „Во ова време“. Влезот за овој концерт е слободен. На 6 декември во МКЦ ќе се одржи и традиционалниот избор на најдобри демо-изведувачи – „Лузер фест“.
Главната вечер на „Таксират“ ќе се случи на 7 декември во СЦ „Борис Трајковски“, каде што на три бини и во тек на десет часа ќе настапат 15 изведувачи: британските бејс-продуценти и мегаѕвезди „Чејс енд стејтс“, шведското инди-поп трио и авторите на глобалниот хит „Јанг Фоукс“, „Питер Бјорн едн Џон“; најголемиот хрватски панкрок-бенд и милениците на публиката кај нас „Хладно пиво“, како и легендарниот хипхоп-колектив од Србија, „Београдски синдикат“. Втората бина е резервирана за претставниците на хрватскиот трап „Кукуш клан“, „Бунтај“ и „30Зона“, заедно со младиот трап-артист „Клинац“ и локалната екипа „МВРСВР“.