Поради лошиот сон може да изгледате постаро
Се чувствувате ли постаро од своите години кога ќе станете наутро? Истражувачите од универзитетот „Ексетер“ во Англија велат дека тоа е последица на лошиот сон. Според авторката на студијата, д-р Серена Сабатини, лошиот квалитет на сонот е поврзан со негативното чувство во врска со стареењето.
Освен тоа, луѓето што послабо спијат можат да станат посклони кон разни заболувања. Меѓутоа, доколку го решите овој проблем, ќе ви се подобри чувството и стареењето ќе го прифатите нормално, како дел од животот.
Во студијата биле вклучени 4.482 лица, на возраст од 50 и повеќе години, а целта на истражувањето била да се открие што го штити когнитивното здравје за време на стареењето.
Со текот на времето, истражувачите забележале дека голем број луѓе го коментирале квалитетот на сонот и се чувствувале подобро или полошо во зависност од тоа дали спиеле добро. Учесниците во студијата пополнувале и прашалник двапати во период од една година во врска со негативните промени во памтењето, губењето на енергијата, самостојноста, мотивацијата и активноста. При анализата на податоците, истражувачите откриле дека луѓето што својот сон го оцениле како многу лош се чувствувале постаро, а исто така изјавиле оти имаат и чувство дека лошо стареат.