Куќата од 14 век, во англиското место Левенхам, во округот Сафок, каде што наводно е роден славниот маѓепсник Хари Потер, од книгата на Џоан Роулинг и натаму е на продажба, една година по објавувањето на огласот.
Ова старо здание е опишано во книгата „Хари Потер и реликвиите на смртта: прв дел“, како место каде што лордот Волдемор ги убил родителите на младиот волшебник, објави британската телевизиска мрежа Би-би-си на својот сајт.
Куќата се продава по цена од речиси милион фунти, а агентот за недвижности изјавил дека досега не се појавил вистинскиот купувач. Станува збор за една од најзачуваните средновековни куќи во овој дел на земјата, а гледачите можеа неколкупати да ја видат во филмовите за Хари Потер. Зданието некогаш му припаѓало на семејството Де Вер, кое во средниот век било второ, најбогато семејство во Англија, по кралот. Куќата ги задржала карактеристиките на периодот во кој е направена, како што се дрвените конструкции, каминот, ѕидните слики и спиралните скали, рачно изработените украси на тулите…
Книгите на Хари Потер доживеаја планетарна популарност и продадени се во над 45 милиони примероци во целиот свет. Речиси сите се екранизирани, а филмовите исто така имаат огромна гледаност, особено кај помладите.