Научниците развија нов градежен материјал за патишта, кој се состои од мешавина од парчиња од маски за лице за еднократна употреба и третирани градежни остатоци. Така може да се искористат сите фрлени маски за лице за време на коронавирусот. Научниците деновиве дадоа уште еден пример, кој ги нагласува важноста и потенцијалот на т.н. циркуларна економија, идеалот кон кој се стреми и самата Европска Унија: како да се искористи отпадот од пандемијата, првенствено маските за лице за изградба на патишта.
Имено, научниците од универзитетот РМИТ развија нов материјал за изградба на патишта, кој се состои од мешавина од парчиња од маски за лице за еднократна употреба и третирани градежни остатоци, и тврдат дека оваа комбинација ги исполнува стандардите за инженерска безбедност.
Всушност, токму парчињата од маската, покажаа анализите, помагаат да му се даде цврстина на завршниот материјал, кој, како што тврдат, може да се користи како основен слој при изградба на патишта или тротоари. Според нивните податоци, дури три милиони маски за лице за еднократна употреба може да се користат за еден километар пат со две ленти.
Извештајот за употребата на маски за лице во производството на материјали за градежен сообраќај е објавен во магазинот „Сајанс оф д тотал енвајармент“ и според „Ресајкал магазин“, ова е прв извештај што се однесува на градежниот потенцијал на маските за лице за еднократна употреба.
Научниците исто така ја испитуваат нивната потенцијална употреба во производството на бетон.
– Ковид-пандемијата не само што создаде глобална здравствена и економска криза туку има и драматични ефекти врз животната средина. Ако почнеме да размислуваме за овој огромен проблем во согласност со принципите на циркуларната економија, можеме да развиеме паметни и одржливи решенија што ни требаат – велат научниците.
Се проценува дека 6,8 милијарди маски за лице за еднократна употреба се употребуваат во светот секој ден.