Инспирација ми беа сите внатрешни емоции и доживувања низ кои поминував за време на пандемијата, па, така, и имињата на делата се поврзани со нив, вели Нина Симовска, која ги изложува своите „Внатрешни воини“ во „Котур“
Нина Симовска ја отвори својата петта самостојна изложба, насловена „Инер вориорс“ или „Внатрешни воини“, во „Котур“. Оваа серија на дигитални портрети почнува како идеја за време на карантинот во 2020-та и е слика на внатрешните длабоки емоции и борби на уметникот за време на социјалната изолација. Барајќи одговори, таа создава едно свое „племе“ од ликови и карактери, т.н. внатрешни воини, кои се презентација на сите нејзини размислувања и емоции, како страв, тага, осуда и сл. Портретите се движат помеѓу реализам и илустрација, со забележително присуство на цветна контура, која означува оптимизам, раѓање и нов почеток.
Изложбата се заокружува како дневник и патопис на едно интимно доживување, кој во несекојдневни услови останува да зрачи со светлина и да биде одговор, отпор и внатрешна борба во која секогаш ќе победи човештвото.
– Ова е моја петта самостојна изложба и десетгодишен јубилеј од формирањето на студиото „Џаст бикос“. На неа се изложени 30 дела, дигитални портрети во голем формат. Изложбата настана спонтано, како и сите мои други проекти претходно. Започнав да ја работам за време на првите карантински денови од 2020-та и заокружуваат еден мој интимен дневник на целата пандемија и како јас се справував со неа. Започнаа со портрети во моите тетратки за цртање и се префрлија во дигитален формат, една за мене нова форма, која сакав да ја истражувам веќе подолго време. Инспирација ми беа сите внатрешни емоции и доживувања низ кои поминував, па, така, и имињата на делата се поврзани со нив. Сметам дека сите носиме мноштво различни ликови во нас – вели Нина.
Таа се надоврзува дека пандемијата не е лесна за никого и смета дека допрва ќе согледуваме каков белег оставила врз нашите животи. Таа своето време и енергија ги преточила во сликање, што резултира со изложба.
– Делата имаат, главно, две пораки. Првата означува еден времеплов на еволуција во цртањето портрети од флет-илустрација до дигитален реализам и има цел да покаже дека со доволно упорност за една година може да се совлада таа техника. А другата порака е дека внатрешните мисли и чувства може да се победат ако се соочиме со нив. Јас решив да ги насликам за да ги совладам, тоа е мојот начин – вели Симовска.
Таа додава дека пандемијата за неа придонела да подзастане и да не брза во креативните процеси.
– Бидејќи живееме во време на масовна продукција, па и од нас се очекува да произведуваме дела во краток временски период, што сметам дека не е нормално. Делата, како и животот, треба да дишат. Да им се даде време да оживеат, да бидат осмислени, почувствувани и забележани. Поминатото време во природа ме врати во живот, ми ги врати тој простор и мир што ги имав изгубено. Така решив и да ги покажам моите емоции преку овие портрети. Не се секогаш најпријатни, мора да признаам – вели Нина.
Кога би ѝ дала уметничка форма, боја и облик на пандемијата, таа вели дека би ја нарекла „Блум ин блек“, или „Расцветај во црно“.
– Тоа беше и првиот работен наслов на изложбата, која како тема ја развивам подолго време. Сметам дека човештвото има сила со љубов да ги растопи сите несреќи. Мислам дека на сите ни требаше вакво освестување, посакувам позитивните придобивки да ги задржиме и понатаму – истакнува таа.
Нина Симовска е уметница, илустраторка и муралистка и стои зад дизајнерското студио „Џаст бикос“. Таа е дипломиран археолог на Катедрата за историја на уметност при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.