За „Нова Македонија“ од Тел Авив, Марија Таушанска
Данкан Лоренс, претставникот на Холандија, кој важеше за фаворит цело време, со вкупно 492 поени, од жирито и од публиката е победник на „Евровизија 2019“. Победа му донесе песната „Arcade“.
– Ова е голем момент, бидејќи за мене секогаш музиката е на прво место во животот – изјави Данкан по прогласувањето на победата.
Италија според бројот на гласовите е втора, а трета е Русија. Нашата евровизиска претставичка Тамара Тодевска, која сите Македонци ги направи горди вечерва, се пласираше на осмото место, најдобар пласман на нашата земја досега на овој избор.
Возбудливото гласање не однесе на врвот на табелата, каде останавме цело време додека гласаше жирито на 41 земја учесничка. Речиси од сите добивавме поени, а 12-ки добивме од Србија, Австрија, Велика Британија, Албанија, Молдавија и од Швајцарија. Но добивме само 58 поени од гласовите на публиката, и на крајот имавме вкупно 295 поени.
Ексклузивна гостинка на големото евровизиско шоу, кое го следеа 200 милиони гледачи во целиот свет беше Мадона, чиј настап сепак не ја импресионираше публиката, бидејќи беше многу под очекувањата. Веруваме дека не само победничката, туку и многу други песни изведени на „Евровизија 2019“ ќе станат големи хитови, а меѓу нив секако е и „Proud“.