Македонската Радио Телевизија (МРТ) оформи комисија која ќе утврдува и одлучува што ќе се случи со нашиот годинашен претставник на „Евровизија“, Васил Гарванлиев. Од јавниот сервис велат дека членовите на интерната комисија ја анализираат состојбата од сите аспекти и деновиве ќе биде донесена конечна одлука.
– МРТ формираше интерна комисија, која ги разгледува и анализира сите аспекти кои произлегуваат од реакциите на јавноста, врзани за проектот „Евросонг“. Јавниот сервис исто така ќе ги има предвид обврските нотирани во лиценцата за учество, како и обврските кои произлегуваат од членството во Европската радиодифузна мрежа – ЕБУ, каде МРТ е составен дел од здружението на јавни сервиси во Европската Унија. Јавноста наскоро ќе биде дополнително информирана за конечната одлука на МРТ – вели Мери Попова, шефица на македонската евровизиска делегација.
Инаку, во јавноста и по остранувањето на спорните кадри од спотот за песната „Here I Stand“, каде наводно во секвенца од неколку секуди можеше да се забележи ументичко дело во боите на бугарското знаме, чиј автор е уметницата Жанета Вангели, како и по јавното извинување на Гарванлиев, не стивнуваат реакциите кои прераснаа во јавен линч и говор на омраза.
Во тек е потпишување петиција со која се бара Гарванлиев да не ја претставува Македонија годинава на „Евровизија“, што ја поптпишаа над 16.000 луѓе, а има и петиција за негова поддршка, која исто така има голем број потписници.
Во јавните дебати „за“ и „против“ учеството на Гарванлиев на „Евровизија“ во мај, во Ротердам, Холандија, се вклучија многу јавни личности, но и политичари. М.Т.