Фестивалот „Сонце за три светови“ ќе се одржи на платото пред споменикот „Македониум“ во Крушево, а со нови аранжмани ќе прозвучат дваесетина македонски песни, во изведба на млади и познати изведувачи
„Сонце за три светови“ е името на еден од најпознатите македонски евергрини, песна што на „Макфест “ во 1993 година ја испеа Мики Јовановски-Џафер. Токму овој наслов ќе го носи првиот македонски евергрин-фестивал, кој ќе се одржи на 7 август, на платото пред споменикот „Македониум“ во Крушево. Автори и иницијатори за одржување на фестивалот се Оливер Ромевски и Александар Николоски.
– Донкихотска мисија во времиња кога вредностите се топат како путер на сонцето, а светот се претвора во нешто непознато. Но незаборавните евергрин-песни се голем дел од нашето идентитетско минато и претставуваат трајни вредности. Сега успеавме заеднички да го создадеме овој фестивал како персонификација на македонската државност – вели Ромевски.
Целта на фестивалот се трајните вредности што ќе ги создаде и записите што ќе останат како посвета на сѐ што денес претставува Македонија, нејзиното музичко наследство и култура, мултикултурност, традиција, идентитетските специфики.
– Концертот ќе има три тематски дела што ќе ја претставуваат успешната приказна на македонската државност: сонце за првиот свет, што ги симболизира традицијата, историјата и вековноста на нашата змеја, потоа второто сонце ќе ги претставува сегашноста, животот и демократијата, а третото сонце како симбол на иднината, надежта и вистинскиот пат. Концертот ќе трае повеќе од три часа и на него ќе настапат 21 исполнител со познати евергрини во нов аранжман и со нова студиска снимка – открива Ромевски.
Огнен Јанески има посебен сензибилитет кон македонската поезија што ќе ја рецитира помеѓу две изведби на нумерите.
– Водителството нема да биде стандардно и секојдневно, туку изразено низ прозно-поетска реч, нешто што е исчезнато уште од времето на златната доба на водителите од МРТВ. Спојот на прозата, поезијата и музиката, што е одлика на македонските поп-антолошки ноти, е совршен за оцртување на сè што нè претставува како народ – вели Јанески.
Фестивалот го отвораат сите исполнители, кои заедно ќе ја испеат песната „Сонце за три светови“, а потоа ќе ги слушнеме: „Трио џентлемен“, Огнен Здравковски, Елена Петреска, Јане Дунимагловски, Наде Талевска…