Најзначајниот македонски музичар и голема регионална ѕвезда Влатко Стефановски тргнува на регионална турнеја. На големо задоволство од страна на публиката од целиот регион, Влатко Стефановски ги откри датумите и локациите на концертите на кои, покрај добро познатите хитови, ќе претстави и ново, реномирано студиско издание на „Taftalidza Shuffle“.
Подмладената тројка, која покрај Влатко ја сочинуваат неговиот син, Јан Стефановски на тапани и Иван Кукиќ на бас гитара, ќе ја започнат својата летна турнеја денеска во Панчево, по што ќе заминат за Хрватска.
Утре Триото Влатко Стефановски ќе настапи во Загреб на „Бундекфест“, а веќе следниот ден, в сабота, се во Осијек. Турнејата продолжува в недела со концерт во Палиќ, по што следат настапи во Трогир на 9 јули, во Шибеник на 10 јули и на Брач на 11 јули.
Словенечката публика ќе има можност да види концерт во Нова Горица, на 17 јули, додека на 20 јули, Влатко ќе настапи во Будва, на култната манифестација „Град Театар“.
Датата 30 јули е резервирана за голем концерт на стадионот „Ташмајдан“ во Белград.
Влатко Стефановски покажа ненадмината техника и уникатен сензибилитет подеднакво успешно во етно и рок, но и во блуз, фанк и џез – жанрови кои го обликуваа неговиот музички пат и го обележуваа како уметник. Во текот на својата кариера, Влатко ја делеше сцената со најголемите гитаристи во светот, вклучувајќи ги Томи Емануел, Јан Акерман и Сточело Розенберг, а регионалната публика секогаш покажуваше длабока почит и интерес за неговата музика.
Најновиот студиски албум „Taftalidza Shuffle“, објавен под закрилата на „Croatia Records“, кој Влатко ќе го претстави на претстојната турнеја, со месеци го држи врвот на продажните листи за компакт-дискови и винили, а сите што ќе изберат некој од објавените концертни датуми, и ќе се почестат со концерт на овој гитарист, ќе ја имаат идеалната можност да слушате и дел од новиот материјал на гитаристичкиот виртуоз од светски калибар. М.Т.