На оваа листа нема да се најде „Гробот на светулките“

Љубителите на анимираниот филм низ целиот свет конечно ќе добијат можност да ги погледнат филмовите на „Студио Гибли“ и на најголемиот стриминг сервис Нетфликс. Неодамна Нетфликс ја израдува својата публика со објавување на 21 наслов „Гибли“, за кои обезбеди превод на 28 јазици и синхронизација на 20 јазици.

Основано во 1985 година од јапонските режисери на анимирани филмови, Исао Такахата и Хајао Мијазаки, „Студио Гибли“ досега има произведено дваесет и два долгометражни филмови, кои им носат високо признание од публиката и критичарите низ целиот свет. Познато по креативната сила на талентираните режисери и аниматори, „Студио Гибли“ гордо стои зад својата оригиналност, блескавата анимација и епското раскажување што го прават светот на „Гибли“ еден од омилените делови од јапонската популарна култура. „Однесени од духовите“ на Хајао Мијазаки освои „оскар“ за најдобар анимиран филм во 2002 година, додека, пак, во 2005 година Мијазаки беше прогласен за еден од највлијателните луѓе според списанието „Тајм“.
Почнувајќи од денеска, обожавателите на „Гибли“ ќе можат да уживаат во филмовите: „Замокот на небото“ (1986), „Мојот сосед Тоторо“ (1988), „Сервисот за достава на Кики“ (1989), „Само вчера“ (1991), „Порко Росо“ (1992), „Океански бранови“ (1992) и „Приказни од Земјоморе“ (2006)…

Она што можеби ќе ги разочара долгогодишните обожаватели на „Гибли“ е фактот што на оваа листа нема да се најде „Гробот на светулките“, затоа што, како што објавува сајтот „Верџ“, „Студио Гибли“ не ги задржува правата за објавување на овој филм.