„Лудус“ ја објави новата кампања за колекцијата „Постродовост 4“
Македонската модна етикета „Лудус“ ја објави новата кампања за колекцијата есен-зима 2021/2022 насловена „Постродовост 4“. Кампањата е направена со фотографката Кристина Велковска и со моделот Филип Бојковски.
Колекцијата беше промовирана со виртуелен изложбен салон на крајот на март годинава, по што беше претставена на интернационалниот пазар, а сега е достапна во продажба во концептуалните продавници со кои соработува брендот, интернет-продавниците што ги застапуваат колекциите на „Лудус“ во светот и интернет-продавницата на брендот.
Колекцијата е четврти дел од низата колекции насловени „Постродовост“ и ги застапува темата на родова еднаквост и футуристичката визија за елиминирање на родот и родовите улоги. Истовремено таа е формално истражување на родовата неутралност преку модниот јазик и концептно продлабочување на естетиката на брендот започната пред неколку сезони.
Со почетокот на пандемијата, „Лудус“ ги зајакна принципите на одржливост и етичко производство, па така и овој пат во колекцијата застапени се рачно и природно обоени текстилни парчиња, како и ботанички обоена волница од која се направени рачно плетени џемпери/фустани со издолжени пропорции. Токму џемперите се досега најодржливиот и најеколошкиот производ на „Лудус“, поради тоа што 100 проценти природната сурова волна е набавена од локални производители во близината на Велес. Така е постигнат производ што не само што вклучува употреба и ревитализација на занаети и природни суровини што полека замираат туку и нивното боење е целосно еколошко без никакви токсични материи што би влијаеле на животната средина или директно на кожата на потрошувачите. Исто така, направени се и кожени чевли во соработка со локален занаетчија – чевлар, кои ја придружуваат колекцијата.
Колекцијата „Постродовост 4“ е составена од 16 родово неутрални комбинации на 23 парчиња облека изработени во неутрална палета на бои што вклучува црна, бела и сива боја, овој пат дополнета со кафени и виолетови природни тонови, добиени со рачно боење волна и волница. Користени се висококвалитетни 100 проценти природен памук, рунски волни и волници од македонско потекло што може лесно да се рециклираат, а при дизајнирањето е користена техника на кроеви со нула отпад. Парчињата се целосно рачно направени, со што е овозможена нивна долготрајност; така брендот се спротивставува на „брзата мода“ и прекумерното и неодговорно консумирање на модата и „брзата“ модна индустрија.
„Лудус“ беше повторно поканет на фестивалот за дизајн „Асембли“ во Грац, Австрија, каде што на 10 септември ќе учествува на модна ревија со колекцијата „Постродовост 4“ заедно со другите победници од изминатите изданија на фестивалот. Подоцна, на 16 септември, истата колекција ќе биде претставена пред нашата публика како дел од ревиите на македонските дизајнери на „Експо.30“ во Музејот на современа уметност.