Кејт Винслет не можела да претпостави во 2011 година дека улогата на докторката Ерин Мирс во филмот „Зараза“, за мистериозен вирус кој почнува да се шири од Азија, ќе и биде од корист за помалку од една деценија, пренесува „Венити фер“.
Во интервју за „ Холивуд рипортер“ глумицата раскажа дека таа улога на најдобар начин ја подготвила за глобалната пандемија на коронавирусот. Винслет вели дека тогаш носела маски и ги дезинфицирала работите со недели. Во февруари кога дознала за коронавирусот, актерката веднаш почнала да носи маска и да користи средства за дезинфекција.
– Луѓето мислеа дека сум луда бидејќи штом почна да се зборува за коронавирусот, почнав да носам маска, ракавици и се да дезинфицирам. Но кога дојде 13 март и карантинот, сите во паника прашуваа каде можат да набават заштитни маски – изјави за четириесет и четиригодишната Кејт Винслет.
На 13 март, Винслет веќе се враќала во нејзиниот дом во Лондон, каде што била во карантин последните пет месеци.
Винслет додала дека постои светла страна на социјалното дистанцирање кога станува збор за сезоната на доделување награди.
– Можам да бидам боса и не мора да облекувам фустан и да ми е мака. Така е прекрасно. Можам и да си ја испијам чашата вино – објаснува Винслет.
Покрај се има и еден несакан ефект од пандемијата на која оскаровката не била подготвена.
– Сега, кога ќе морам да се вратам на работа, помислувам дека заборавив како да глумам – низ шега вели Винслет.