Синдромот на исцрпеност или брнаут е модерно заболување поврзано со забрзаниот начин на живот и желбата секогаш да се постигнува повеќе и повеќе, дури и по цена на психичкото и физичкото здравје. Светската здравствена организација го вклучи синдромот на исцрпеност на работното место во својот прирачник за меѓународна класификација на болести (МКБ-11), кој здравствените работници сега ќе можат да го дијагностицираат како медицинско нарушување поврзано со работата што ја извршува поединецот. Терминот и појаснувањето се дадени во делот што се однесува на проблемите со вработувањето или невработеноста. Ова нарушување отсега ќе се евидентира на исто ниво со настинките и други здравствени проблеми за кои обично посетуваме лекар. Лекарот ќе ги идентификува симптомите и ќе пропише соодветна терапија, одлучија експертите на СЗО на состанок во Женева.
Светската здравствена организација го опишува „синдромот на исцрпеност“ како состојба предизвикана од хроничен стрес при работа. Одлуката стана официјална откако една година беше разгледувана како опција, пренесува „Сајенс алерт“.
– Првпат синдромот на исцрпеност на работното место е препознаен и запишан во нашиот прирачник на овој начин – соопштија од СЗО.
Некои од главните знаци на синдромот на исцрпеност се недостиг од сон, недостиг од енергија и исцрпеност, дигестивни проблеми, висок крвен притисок, деконцентрација, зголемено ментално дистанцирање од работните обврски, намалена професионална ефикасност… Симптомите вклучуваат и присилно размислување за работата и надвор од работното време, намалена потреба за социјални контакти и недостиг од време за деловни и приватни обврски. Алармен сигнал е исто така ако некое лице не може да се опушти дури и кога е на одмор. Британски експерти, кои се занимаваат со стресот и неговите последици, истакнуваат дека симптомот на исцрпеност на работното место треба да се забележи навреме за навремено да се спречат последиците.