Истражување
Со пандемијата на ковид-19, која трае речиси две години, зголемена е употребата на маски и ракавици, а бројките прикажани во спроведеното истражување ја откриваат важноста од заштита на животната средина.
Во текот на 2020 година, во светот се користеа 129 милијарди маски на месечно ниво, а овие бројки укажуваат на потребата од соодветно отстранување на отпадот – вели Зејнеп Џејлан, професорка на Катедрата за заштита на животната средина на Универзитетот „Ататурк“ во Анкара.
Професорката Џејлан, која е директорка на Центарот за примена и истражување на еколошките проблеми, зборуваше за Анадолија и укажа на потребата од соодветно отстранување на хигиенските материјали, чија употреба значително се зголеми со епидемијата.
Таа нагласи дека светот треба да се навикне да живее со епидемијата и дека треба правилно да се управува со отпадот.
Мораме да се грижиме за отпадот. Правилното управување со отпадот е хигиена на екосистемот. Ако правилно управуваме со екосистемот, сите живи суштества ќе бидат во ред. Сите добро знаеме дека пластиката го загадува светот. Многу работи се сменија за време на пандемијата. Навиките на потрошувачите се променија. Медицинскиот отпад порасна повеќе отколку што треба – вели Џејлан.
Таа презентира и многу загрижувачки податоци, меѓу кои и фактот дека во 2020 година за една минута биле користени дури три милиони маски.
Во 2020 година, кога избувна ковид-19, во светот се потрошени 129 милијарди маски за еден месец. Кога станува збор за ракавици, оваа бројка се искачува на 194 милијарди. Овие податоци покажуваат дека околу три милиони биле користени за една минута. Ова се многу сериозни бројки. Во 2020 година во светот беа произведени 72.000 тони медицински отпад – подвлече Џејлан.
Таа нагласи дека депонирањето на медицинскиот отпад акумулиран во домовите за стари лица, карантинските центри, болниците и здравствените домови треба да се врши во согласност со законската регулатива и да се издигне свеста на нивните вработени. Џејлан, исто така, ги повика граѓаните да внимаваат при отстранувањето на медицинскиот отпад.
Таа вели дека за отпадот, како маски, ракавици, амбалажа од средства за дезинфекција, потребно е да се подготват посебни ќеси. Откако ќе се наполнат три четвртини од ќесата, треба да се почека 72 часа, а потоа цврсто да се врзе и да се фрли во контејнер.