Поранешната прва дама на САД, Мишел Обама, во најновото издание на својот подкаст на „Спотифај“ вели дека на бракот треба да се пристапи како на избирање на кошаркарски тим, пренесува „Гардијан“. Мишел искрено објаснува дека имало моменти кога сакала да го турне Барак низ прозорец.
Некогашната прва дама им ја праќа оваа порака на сите млади кои што штотуку влегле или пак допрва треба да влезат во брачните води. Мишел која наредниот месец ќе прослави 28 години брак со Барак Обама, објаснува колку треба да се вложи во една врска за таа да трае долго.
– Имаше моменти кога сакав да го турнам Барак низ прозорец. Ова намерно го кажувам, затоа што тие чувства се многу интензивни. Но, тоа не значи дека сакав да го напуштам. Има моменти кога не се поднесувате меѓусебно. Таквите периоди некогаш можат да траат многу долго, па дури и неколку години – истакнала Мишел Обама во разговорот со телевизискиот водител Конан О’Брајан.
Таа исто така коментирала и за генерациите кои што не се толку многу отворени за компромиси при соочување со проблемите во бракот.
– Младите парови се соочуваат со предизвици и подготвени се да се откажат затоа што мислат дека се скршени. Со тоа сакам да кажам, дека и јас и Барак неколку пати сме биле скршени. Јас и Барак сме раскинувале и сме се помирувале во текот на целиот наш брак, но имаме многу силен брак. Доколку во тие тешки моменти се оддалечував од него, сега би ми недостасувала сета оваа убавина која што ја имам – истакнала таа.
Што се однесува до особините кои што се важни кога станува збор за пронаоѓање на партнер за цел живот, Мишел вели дека тоа ја потсетува на избирањето на кошаркарски тим.
– Доколку го гледате тимот, тоа се тие со кои што сакате да победите, тогаш сакате сите во вашиот тим да бидат моќни. Ако гледаме на бракот како на вистински кошаркарски тим, сакате вашиот соиграч да биде победник. Тогаш сакате да го имате Леброн Џејмс – објаснува Мишел Обама.