Музичкиот настан „Мала Италија патува“, кој на едно место ги спојува прекрасните италијански, француски, латино и џез-звуци, се враќа пред домашната публика идниот месец.
На 18 септември, под отворено небо, на платото „Мајка Тереза“ пред Националната опера и балет во Скопје, публиката повторно ќе има можност да ужива во изведбата на Павле Камилоски. Овој музички настан, единствен од ваков тип кај нас, по јубилеен петти пат ќе им понуди на љубителите на овој вид музика уште една извонредна вечер исполнета со емоции и уживање.
Изведувачот, кој наедно е и иницијатор на овој проект што прераснува во традиција, е најзаслужен за сѐ поголемиот успех на оваа манифестација.
Павле со својата огромна љубов кон музиката и изведбата на шансони, канцони и безвременските џез-песни ќе ѝ подари на публиката уште едно повеќечасовно уживање, а јубилејното петто издание ќе биде збогатено со нови вечно зелени мелодии.