Автор: Џорџ Солис
Њузвик
Престижното деловно списание „Форбс“ тврди дека ѕвездата на реалните шоуа Кајли Џенер ги фалсификувала нејзините даночни пријави за да го достигне статусот на милијардерка. Списанието ја отстрани дваесет и двегодишната козметичка икона од листата на најмлади милијардери за 2020 година.
Лани, ѕвездата на социјалните медиуми го продаде својот удел во козметичкиот бренд „Кајли козметикс“ на козметичката компанија „Коти“ за 600 милиони долари, според „Холивуд репортер“. Со заработката од продажбата, Џенер доби милијардерски статус, а „Форбс“ ја именуваше за најмлада милијардерка до 21 година.
Но неодамна, една статија на „Форбс“ повторно ги пресмета бројките и откри разлики во вкупната заработка на Џенер. Извештајот ги анализираше приходите пред и по појавата на пандемијата. Богатството на Џенер всушност се проценува под 900 милиони долари што е под милијардерскиот ранг. Списанието ја обвинува Џенер дека ги лажирала бројките во даночните пријави и дека ја напумпала вредноста на „Кајли козметикс“ многу повеќе од реалната.
– Не треба да заборавите дека тие се дел од забавната индустрија. Сè во неа се преувеличува за да се добие внимание – објасни ветеранот во козметичката индустрија Џефри Тен, во врска со прашањето зошто кланот Џенер, наводно, би лажел за приходите.
Основачката на „Кајли скин“ на Твитер гневно реагираше на статијата на „Форбс“. Џенер се бранеше со тоа што го пренасочи вниманието од нејзиниот успешен бизнис на нејзината ќерка Сторми. Таа тврди дека списанието нема докази за обвинувањата, туку само „неточни изјави и недокажани претпоставки“.
– Има сигурно уште 100 поважни нешта во моментов отколку тоа да се занимавате колку пари заработувам – додаде таа во својата објава на Твитер.
Адвокатот на Џенер, Мајкл Камп, испрати официјално соопштение во списанието „Пипл“ и статијата на „Форбс“ ја нарече „пазарски таблоид“.
– Жално е што од сите нешта, „Форбс“ им даде задачи на тројца новинари да го истражуваат влијанието на кризата од коронавирусот врз богатството на Кајли – изјави Камп.
Иако Џенер го брани нејзиното богатство и милијардерскиот статус, „Форбс“ стои зад својата приказна. Директорот за комуникации Мет Хачинсон официјално соопшти дека „нивните новинари забележале неправилности и со месеци работеле на откривање на фактите и учтиво го замолуваат адвокатот повторно да го прочита извештајот“.
Камп не беше достапен за коментар на барањето на „Њузвик“.
Превод: Билјана Здравковска