На некој начин свесно или несвесно сите придонесуваме за тоа модата да биде втор најголем загадувач. Затоа и најмалите промени од секој поединец се значајни во коригирање на овој податок, ни изјави Ирина Тошева, која е дел од организаторите на „Неделата на модната револуција“
Почна „Неделата на модната револуција“, која трае до 25 април. Во фокусот на настанот овој пат се човечката експлоатација и деградацијата на екосистемот.
Активностите се концентрирани онлајн, при што тимот на „Модната револуција Македонија“ на социјалните мрежи ќе објавува податоци за текстилниот отпад во земјата, рециклирањето на текстилот, податоци за индустријата во Македонија и едукативни совети за продолжување на траењето на облеката. Ќе бидат споделени локации за донирање облека, како и интересни иницијативи за поттикнување акција и актуализирање на прашањето за царините на увозниот текстил, но и за сертификатите и декларациите на текстилот што се продава во земјава.
– Поканети се и локалните дизајнери и брендови да ја изразат својата поддршка, дел што особено нѐ радува – информираат организаторите.
„Фешн револушн вик“ се одбележува во неделата околу 24 април, ден кога во 2013 година во Бангладеш се сруши комплексот „Рана плаза“, при што 2.500 текстилни работници беа повредени и имаше 1.163 загинати. Со овој немил настан се воочи потребата за поголема транспарентност и промени на начинот на набавка, производство и купување на облеката.
– „Фешн револушн Македонија“ е дел од глобалното движење „Фешн револушн“, кое се залага за модна индустрија што еднакво ги вреднува човечкиот капитал, животната средина, креативноста и профитот. Преку своите активности ја слави модата, но истовремено има цел да ја издигне свеста за најгорливите проблеми, да покаже дека промената е можна и да ги охрабри сите засегнати страни во создавање поголема одржливост и етичност во модната индустрија – изјавува модната дизајнерка Ирина Тошева, која е активна членка во „Фешн револушн Македонија“.
Модната индустрија е еден од најголемите загадувачи. И постојано се бараат солуции за намалување на последиците од нејзиното штетно влијание врз животната средина.
– Додека да се пронајдат соодветните и лесно достапни начини на рециклирање на отпадот, сѐ повеќе се посветува внимание на циркуларноста, односно продолжување на „векот на траење“ преку пренамена, поправка и адаптибилност на производот. Затоа е важно и да се инвестира во облека што е добро изработена со што би била подолготрајна и најдобро е да е од материјали од природно потекло. Со секое перење на вештачките материјали се испуштаат микрочестички што завршуваат во водите со кои подоцна се наводнува храната што ја јадеме. На некој начин свесно или несвесно сите придонесуваме за тоа модата да биде втор најголем загадувач. Затоа и најмалите промени од секој поединец се значајни во коригирање на овој податок – истакна Тошева.
Како што информираат од „Фешн револушн Македонија“, според Националниот план за справување со отпад 2020-2030, просечниот состав на текстилниот отпад од вкупниот отпад во земјата е 4,7 отсто.
– Оваа бројка изгледа дека не е преголема со оглед на тоа што најголемиот дел од текстилното производство е лон, при што фабриките добиваат онолку материјал колку што е потребно за нарачката, а остатоците се преземаат од магацините или се препродаваат на пазарите. Дизајнерите со оглед на малиот пазар и куповна моќ на населението ги изработуваат своите колекции во мали серии или по нарачка и на некој начин работат одржливо. Најголем дел од јавноста и купувачите уште не се доволно запознаени и модно освестени и затоа сите наши активности се насочени кон едукација, транспарентно информирање и отворање на важните прашања – нагласува Тошева.
Тимот на „Модна револуција Македонија“ се состои во најголем дел од модни дизајнери, кои цврсто веруваат во она што го проповедаат, дизајнирајќи облека без отпад, користејќи органски и разни сертифицирани ткаенини, поттикнувајќи ги и другите колеги да се вклучат, ни сподели дизајнерката Магдалена Таневска.
– Промените на момент изгледаат бавни, но сѐ почесто гледаме и нови генерации на млади дизајнери што допрва доаѓаат, кои се заинтересирани за овој пристап кон работата уште од почетоците. По наша иницијатива царинската управа неодамна ги информира текстилните кластери за можноста и начините за царинење на отпадот, кој потоа може подоцна слободно да се користи од младите дизајнери и текстилни училиштата, нешто за што со години кружеше дезинформација дека не е законски возможно. На овој начин се придонесува за промовирање и примена на циркуларната економија во нашата земја. Потребна е поголема соработка и заемна поддршка од сите засегнати страни – вели Таневска.
Пораката што од „Фешн револушн Македонија“ ја лансираат до јавноста е „пронајдете значење во тоа што го носите“!
– Доколку некое парче облека е премногу евтино, пред да се фатите за паричникот, запрашајте се за која сума работел целиот синџир луѓе вклучени во неговото создавање (предење, ткаење, боење, кроење, шиење) за да се продава по таа цена. Ова не подразбира жртвување на вашиот моден стил. Тоа е освојување на филозофијата што ќе ве претвори во совесен граѓанин – вели Тошева.
Како што информира таа, еден од најбизарните начини на „справување“ со текстилниот отпад е кога развиените земји го праќаат во неразвиените земји од третиот свет.
– Ако нешто не ти е „дома“ не е веќе твој проблем, нели? Сѐ повеќе гледаме револуционерни решенија каде што текстилниот отпад се користи како изолација во градежништвото, од пластиката во океаните се прават ѓонови за патики, од лушпата на ананасот се прави веганска алтернатива на кожа… Но додека сите овие примери, кои покажуваат дека отпадот „злато вреди“, не ни се лесно достапни, доволно е да бараме транспарентност и отчетност од брендовите од кои купуваме и будно да се информираме. Во борбата за почиста иднина треба да бидеме активни сите – категорична е Тошева.