Италијанскиот оперски пејач Андреа Бочели за католичкиот Велигден одржа концерт во празната катедрала „Дуомо“ во Милано. За помалку од еден ден, видеоснимката има речиси 25 милиони прегледи на Јутјуб.
Катедралата беше затворена за време на пандемијата, но по налог на италијанските власти се отвори само за Бочели и оргулистот Емануел Вијанели, кој го придружуваше.
На концертот, наречен „Бочели: музика на надежта“, беа изведени неколку дела од духовната музика, меѓу кои и „Аве Марија“ од Франц Шуберт и „Санта Марија“ од Пјетро Маскањи.
Организаторите со овој настап сакаа да испратат порака за љубов и заздравување до Италија, која е тешко погодена од епидемијата на коронавирусот, пренесе „Билборд“.
Италијанските власти на 10 април објавија дека во земјата ќе се продолжи забраната за масовни собири и движења до 3 мај.
Според последните информации, во оваа земја се пријавени повеќе од 156.000 случаи на заболување од ковид-19, од кои речиси 20.000 починале.